Линкови за пристапност

Русија започна со воената вежба „Восток 2018“


Аналитичарите велат дека под знак прашање е големината на вежбата и тврдењето за постоењето на руско сојузништво со Кина

Рускиот претседател Владимир Путин беше домаќин на неговиот кинески колега Ши Џинпинг на економскиот форум во Владивосток, во време кога вооружените сили од двете држави и Монголија започнаа со воена вежба во источниот дел на Сибир.

Руската воена вежба „Восток 2018“ (Исток 2018) доаѓа во време на зголемени тензии меѓу Москва и Западот поради руското мешање во западните демократии и тековните конфликти во Украина и Сирија.

Споредувајќи ја годинешната вежба со онаа на Советскиот Сојуз во 1981-ва година, во која учествуваа меѓу 100.000 и 150.000 војници, министерот за одбрана, Сергеј Шојгу рече дека сегашните маневри ќе бидат уште поголеми, со 300.000 војници, 36.000 воени возила, 1.000 авиони и 80 воени бродови.

Иако учеството на Кина е релативно скромно, со само 3.200 војници, тоа исто така е без преседан и наведе некои аналитичари на вежбата да гледаат како на недвосмислено предупредување до САД и Европа.

„Ова испраќа сигнал до Вашингтон, ако САД продолжат со сегашниот курс, притискајќи ја Русија со нови санкции, Русија ќе падне уште повеќе во цврстата прегратка на Кина, единствениот стратешки конкурент на Америка во 21-от век“, изјави неодамна за Асошиетед прес, Александар Габуев од Институтот Карнеги во Москва. Тој додаде дека учеството на Пекинг покажува дека двете држави повеќе не се гледаат како воени конкуренти.

Други експерти, не се согласуваат со ставот на Габуев велејќи дека транспарентноста во врска со бројот на војници во „Восток-2018“ и на политичкото значење за учество на Кина се нереални.

„Цифрите за вакви вежби обично се она што ние би можеле да го наречеме како вистинска лага. Тоа се статистички лаги во кои Генералштабот на руската армија ги вбројува сите воени единици кои или испраќаат некој на вежбата или имаат некоја командна компонента во неа“, вели аналитичарот од Институтот Кенан во Вашингтон, Мајкл Кофман.

На пример, во „Восток 2014“ тие првично објавија дека имаат 100.000 учесници. Потоа одлучија дека тоа не е доволно импресивно и објавија официјална бројка од 155.000, додава Кенан.

И покрај тоа што Русија и Кина во последниве години ја зголемија воената соработка и заеднички учествуваа во помали воени вежби, малкумина аналитичари го изедначуваат учеството на Кинезите со создавањето на формален воен сојуз меѓу двете земји.

„Русија нема шанси за формален воен сојуз со Кина. Тоа не е поради тоа што Русија тоа не го посакува“ вели аналитичарот Александар Голц. „Тоа е затоа што Кина јасно и решително одбива какви било воени сојузи и обврски. Иако Пекинг можеби е подготвен за некаква воена соработка со Русија, како и со другите членки на Шангајската организација за соработка“ - организација во која членуваат Кина, Русија, Казахстан, Киргистан, Таџикистан и Узбекистан.

Поранешниот воен аналитичар на ЦИА, Џефри Едмондс „Восток 2018“ го опишува како дел од тековните напори на Русија за модернизација на своите воени сили.

Медиумите објавија дека во вежбата ќе учествуваат руски воени авиони „Су-34“ и „Су-35“, тенкови Т-80 и Т-90, и проектили „Искандер“ кои можат да носат нуклеарни боеви глави. Се очекува руската флота да распореди неколку фрегати опремени со проектили од типот „Калибр“ кои беа користени во Сирија.

Минатата недела Русија одржа воени вежби во Медитеранот, каде што учествуваа повеќе од 25 воени бродови и околу 30 авиони.

НАТО се` уште ја разгледуваат поканата од Москва да испрати набљудувачи на вежбите, што ќе траат до 15-ти септември.

Рускиот претседател ќе ги набљудува вежбите по форумот во Владивосток, каде што тој со кинескиот претседател Ши Џинпинг и другите регионални лидери се очекува да разговараат за трговијата и за Северна Кореја.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG