Линкови за пристапност

Обид за разбојништво во куќата на Срѓан Керим


Полицијата трага по сторителите чиј идентитет засега не се знае.

Минатата ноќ, пет минути пред полноќ, засега непознати, маскирани разбојници се обиделе да го ограбат домот на поранешниот дипломат, познатиот бизнисмен и претседател на УО на „Медиа принт Македонија“, д-р Срѓан Керим, во скопската населба Горно Нерези.

Како што пренесуваат електронските медиуми, откако снемало електрична енергија, за што постои сомневање дека ја исклучиле разбојниците, на вратата затропале три маскирани лица кои влегле во куќата со намера да ја ограбат. Во настаната мешаница, некој од присутните во куќата успеал да го активира алармот и да ги ислаши разбојниците, по што тие избегале во непознат правец.

Никој од присутните пет лица во куќата не бил повреден, а самиот Керим не бил во Скопје за време на обидот за грабеж. Според официјалното соопштение, полицијата презема мерки за откривање на сторителите, а засега нивниот идентите не е познат. Нема официјални податоци и дали маскираните разбојници биле вооружени.

Д-р Срѓан Керим е искусен дипломат, со кариера и во некогашната СФРЈ, каде од 1988-ма бил заменик на тогашниот шеф на југословенската дипломатија Будмир Лончар. Керим беше и шеф на македонската дипломатија, а на покана на својот личен пријател Бодо Хомбах, со кого соработувал како македонски амбасадор во Германија и во Пактот за стабилност на Југоисточна Европа, во 2004 стана директор на германскиот медиумски концерн ВАЦ за Југоисточна Европа и прв човек на „Медиа Принт Македонија“, компанијата која беше сопственик на три македонски дневни весници, „Дневник“, „Вест“ и „Утрински весник“

Од септември 2007-ма до септември 2008-ма, беше претседавач на Генералното собрание на ООН.

Минатиот месец, во дел од македонските портали беше објавена топ-листа на 20 најбогати Македонци, на која Керим беше на 16 место, со официјално непотврдена проценка дека неговото богатство, како акционер во неколку компании и сопственик на недвижнини низ Европа и САД, изнесува околу 15 милиони евра.

Во македонските медиуми беше присутен и по скандалот со наводното запленување на 750.000 евра кои кај возачот од неговата компанија, скриени во шише, ги откриле унгарските цариници - афера која до денес се` користи во вербалните престрелки на политичката сцена на Македонија.
XS
SM
MD
LG