Линкови за пристапност

Профил на Рекс Тилерсон - одбран на функцијата државен секретар


Новоизбраниот претседател Трамп истакна дека неговите познавања како да раководи со компанија од размери на „ЕксонМобил“, е клучно успешно да го води и Стејт департментот

Искуството на Рекс Тилерсон како извршен директор на „ЕксонМобил“, притоа преговарајќи нафтени зделки вредни милијарди долари, беше доволен услов за новоизбраниот претседател Доналд Трамп да го одбере на функцијата државен секретар. Трамп истакна дека неговото знаење како да раководи со компанија со вакви размери, е клучно успешно да го води и Стејт департментот.

Новоизбраниот шеф на кабинет на Трамп, Ринс Прибус, за телевизијата Ем-Ес-Ен-Би-Си (MSNBC), изјави дека 64-годишниот Тилерсон „морал да одржува односи ширум светот и тоа во места каде не е лесно да се одржуваат односи, во време на многу различни претседателски администрации“.

Огромните нафтени деловни зделки на Тилерсон со Русија може да ја комплицираат потребната потврда во Сенатот, каде неколку клучни законодавци веќе изразија загриженост заради неговите блиски врски со рускиот претседател Владимир Путин, којшто во 2013-та на Тилерсон му дал Орден за пријателство, што е почесен акт за странски државјани.

Влијателниот републикански сенатор од Аризона, Џон Мекејн, изјави дека има „грижи“ околу врските на Тилерсон со Путин. Сенаторот од Флорида Марко Рубио преку Твитер кажа дека „пријател на Владимир не е атрибут што му го посакал на еден државен секретар“.

Во 2011-та година Тилерсон потпишал договор со државната руска нафтена компанија Роснеф, за соработка во производството и вадењето на нафта и оттогаш, наваму, компаниите соработувале на најмалку 10 заеднички проекти.

Овој договор, во тоа време вреден 300 милијарди долари, се однесувал на дупчење на нафта и гас на Артикот. Активностите биле прекинати три години подоцна, кога Западот воведе санкции против Русија заради нејзината интервенција во Украина.

Инженер по професија, Тилерсон му се придружил на „Ексон“ веднаш по дипломирањето од Универзитетот на Тексас и во текот на 40-годишната кариера постојано напредувал. Познат е по способноста да склучува договори на меѓународна сцена и дека е во добри односи со бројни шефови на држави и влади ширум светот, што очигледно би му било од корист во дипломатијата.

„ЕксонМобил“ е петта најголема компанија во светот. Тилерсон минатата година заработил 27 милиони долари, а во 2012-та, 40 милиони.

Загриженоста на еколозите е уште еден потенцијален проблем за потврдата на Тилерсон на функцијата државен секретар. „ЕксонМобил“ се соочува со голема критика во Њујорк и Масачусетс, бидејќи е обвинет дека ги попречува внатрешните истражувања коишто покажуваат дека компанијата знаела за влијанието на фосилните горива врз климатските промени. Главните правобранители од обете сојузни држави поднеле обвиненија велејќи дека компанијата ги прекршила федералните одредби, со тоа што не ја доставила оваа информација до инвеститорите и до јавноста.

Тилерстон се согласува со ставот дека постои човечки фактор кога станува збор за климатските промени и направи одредени отстапки за намалување на влијанието на неговата компанија врз животната средина. Тој сепак продолжи со промоција на користењето на нафтата и природниот гас, велејќи дека „енергијата е суштината на економскиот растеж“.

XS
SM
MD
LG