Недела е. Нешто пред 9 часот наутро. За некој што не е одовде, Куманово, третиот по големина град во Македонија, наликува сосема нормално. Локалните продавнички, главно за храна, се отворени. Луѓе од
сите возрасти пазаруваат. Единствено друго што работи се цвеќарниците, оти недела по традиција е ден кога се одржуваат свадби и други веселби. Тажните поводи не ги споменуваме. Градот само што мина две ноќи и еден тежок ден. Сознанието дека само два часа претходно, жителите ги разбудиле рафални стрелби и детонации, ве тера повнимателно да набљудувате. Луѓето се движат побрзо, во торбите носат невообичаено многу леб и пекарски производи. Помал е бројот на автомобили.
На плоштадот, каде вообичаено се раскажуваат чаршиските муабети, и денеска се собрани неколкумина, главно постари мажи. На клупата, веднаш под споменикот на Батко Ѓорѓија, горат свеќи - почит за осуммината полицајци кои изминатата ноќ и ден ги загубија животите во жестоките борби во, како што популарно се нарекува, Диво насеље, инаку Тоде Мендол, каде се влегува на само неколку стотина метри од ова место. Веднаш наспроти, на огромниот јарбол, утринското студеникаво ветерче го вее македонското знаме на половина копје – денеска е првиот од двата дена жалост за изгубените животи. И како во сцена од некој филм, на големиот билборд до него, е ликот на сегашната министерка за внатрешни работи, на плакат како ностител на листа од оваа единица на последните парламентарни избори.
Главната ориентација во градот, освен плоштадот, е и булеварот. На едниот крај ве пречекува полицаец во полна опрема и ве пренасочува по споредните улички. Тој пат води кон Диво насеље, во кое речиси и нема жители. Велат, останати се само некои постари, коишто или немале каде да заминат или не сакале да си ги остават свои огништа, за коишто цел живот печалеле. Останатите, особено оние со дечиња, се евакуирани претходниот ден, со свои возила или со помош на полицијата, со хермелини. Заминале или кај свои роднини во градот, или во Липковско. Некои и надвор од државата, во соседството.
Куманово првпат се соочува со ваква ситуација
Пред зградата каде што се наоѓа Општинската организација на Црвениот крст, стојат неколку возила. Само што пристигнале од Скопје. На прашањето: „Што носите?“, ни одговорија, „Основни работи, како ќебиња, душеци“.
„Досега само 3-4 семејства се пријавиле дека им е потребно сместување. Очекуваме одлука од Кризниот штаб дали ќе се постават прифатилишта, да се пријават оние на коишто тоа им е потребно, па потоа да видиме кои се нивните потреби: храна, вода, облека, средства за хигиена. Ние немаме мандат да одиме во погодените подрачја, тоа е мисија само на Меѓународниот Црвен крст, ние чекаме да се пријават кај нас“, вели Иле Митковски, претседател на Црвениот крст во Куманово. Тој признава дека тој број засега е многу мал, иако според проценките, само во таа населба без околината, живеат околу 3-4.000 луѓе. Единствено досега упатиле апел за крводарување.
За градоначалникот на Куманово, Зоран Дамјановски, ситуацијата во градот воопшто не е наивна. Вели, во 2001-ва година, кога се` уште не бил политичар, како лекар во тамошната болница, се изнагледал се` и сешто. Но, според него, ова не ни оддалеку не наликува на тоа.
„Куманово се соочува со драматична ситуација. Мислам дека ова е најголема криза од осамостојувањето на Македонија. Во 2001-ва година Кумановци не почувствуваа ни еден процент од ова што денеска се чувствува - уличните борби и она што се вика урбан тероризам. Поголем дел од градот е узурпиран од блокади, бидејќи акцијата на МВР е неминовна во вакви ситуации. Се чувствува дека ова не е така едноставна работа, бидејќи борбите траат повеќе од 20 часа. Има рафални стрелби поединечни и детонации. Се претпоставуваа дека тоа се оние што се заостанати логистички групи и пребегани цивили, се чисти теренот. Она што не` загрижува е енормен број на оние коишто ги напуштиле своите домови и тоа е втората фаза - на хуманитарна катастрофа“, вели Дамјановски, објаснувајќи дека во тој дел од градот, населбата и околината, живее околу 5 до 6.000 население, претежно албански етникум и некаде 20 проценти македонски. Во саботата сите заедно биле евакуирани.
Напладне Дамјановски замина на седница на Кризниот штаб, на којашто беа донесени одлуки за отворање на броеви за пријавување на оние на коишто им е потребна каква било помош. Општината одвои буџет за помош и одлучи училиштата во градот да не работат додека ситуацијата не се стабилизира.
Животот ќе се врати, но сеќавањата тешко ќе се избришат
Кон крајот на денот, градот полека живна. Локалните кафулиња се полнеа. Секој разговор без исклучок беше – што е ова што ни се случува? Дел од жителите на влезот на Диво насеље со аплаузи и извици ги испраќаа полициските возила, откако беше прогласен и официјален крај на акцијата. Нестрпливо бараа да се вратат дома.
„Нека не` пуштат внатре, ние ќе ги извлечеме, ние ќе ги носиме да јадат и пијат. Имаме роднини таму, имам сестра, има тетин парализиран“, вели една постара жителка на Диво насеље.
„Не знаеме кои се тие. Сабајлето бевме во џамија и кога сакавме да се вратиме во 5 часот, не ни дозволуваа. Нон-стоп бевме на телефон. Биле во подрум, влегле преку прозор“, додава друг.
„Можеби имаше денови кога не` лажеа, и не` манипулираа, но сега народот е свесен. И ова не може да трае додека тие ги гледаат нивните сериски филмови. Прават филмови со народот недолжен. Го повикувам албанското лидерство, Али Ахмети, Тачи, нека дојдат тука со народот. Ги повикувам СДСМ , го повикувам Груевски, ако е тој што го сака народот, нека бидат со нас. Не може од кабинети. Каде се нивните фамилии? Има некој нивен тука што војува? Нека фатат пушка. Гоце Делчев и Скендер Бег војувале, ама биле со борците, не да се кријат во канцеларии и тунели“, вели помлад жител на Диво насеље, кој со својата изјава предизвика аплаузи кај насобраните.
Највознемирувачко за новинарските екипи, коишто беа сведоци на речиси секој миг тие два тешки дена, беше влегувањето во населбата. Се` уште присутните траги на чад одеднаш ви ги окупираат сетилата, додека со погледот лутате од една на друга страна – куќи раурнати речиси до темел, од други останале само ѕидови, трети останале само без прозорци, кај четврти борбите стасале само до портите... Има и такви коишто останале нечепнати. Влегувајќи во она што некогаш им било дом, жителите си говореа сами на себе. „Фала на Бога што сме живи. Кој знае што се случувало тука. Ќе се поправи“, дофрлуваат едни на други. Во меѓувреме, стаса и веста дека и локалната и државната власт ќе им помогнат во тоа.
Кога заминувате, со вас го понесувате и чувството на чемер. Од автопатот кон Скопје се разделувате од Куманово токму со поглед кон Диво насеље. Од оваа перспектива, ги гледате претежно поголемите и повисоки куќи. Некои обоени во весели, пастелни нијанси на розова, сина, жолта, но и оние во традиционална, бела или сива боја. Ведрото небо ви дава надеж дека по трагедијата, тука животот повторно се враќа. Но, за да се избришат непријатните спомени од 28-те часа страв, солзи и неспокој, ќе треба да помине многу повеќе време...