Линкови за пристапност

(РЕОБЈАВА) Кога ќе застанам на сцената како да сум дома: Гоце Маринковски, актер со Даунов синдром


Емотивен, приврзан за театарот и воодушевен од великаните на македонското глумиште е Гоце Маринковски, актер-аматер, со Даунов синдром
Емотивен, приврзан за театарот и воодушевен од великаните на македонското глумиште е Гоце Маринковски, актер-аматер, со Даунов синдром

Дваесет и први март е Светски ден за лицата со Даунов Синдром. По тој повод ја реобјавуваме приказната за Гоце Маринковски од Штип, актер аматер. Поради Дауновиот синдром и поради општествените предрасуди не му било овозможено да добие соодветно образование и да застане целосно на театарската сцена.

Приказната за Гоце Маринковски од Штип ја објавивме на 3 декември, 2022 година и тогаш стана една од најчитаните и најсподелуваните од продукцијата на Гласот на Америка на македонски јазик.

Денеска ја реобјавуваме и ја посветуваме на сите лица што во македонското општество се соочуваат со Дауновиот синдром. Испраќаме порака, да се надминат предрасудите кои ги попречуваат овие македонски граѓани да ги остварат своите соништа за напредок.

***

Емотивен, приврзан за театарот и воодушевен од великаните на македонското глумиште е Гоце Маринковски, актер-аматер, со Даунов синдром. Нема формално образование за актерска игра, но благодарение на отворените врати од театарот во Штип, Маринковски заиграл во неколку професионални претстави и ја искусил сета радост и тага што ја носат драмските ликови во себе.

„Кога ќе застанам на сцената, како да сум дома“, ни вели Гоце и додава дека веќе нема трема кога ќе застане пред публиката.

Првата трема ја надминал уште во детството, со играње во претставата „Дедовото внуче“. Денес зад себе има улога и во професионалната претстава „Роберто Зуко“, во режија на актерот Милорад Ангелов.

Актерот Милорад Ангелов (десно) вели дека вратите на тетарот во Штип се секогаш отворени за Гоце
Актерот Милорад Ангелов (десно) вели дека вратите на тетарот во Штип се секогаш отворени за Гоце
Ако има некој јубилеј на Петре Прличко, од постоењето негово, од раѓањето, сакам да го направам тоа што тој не можел да го направи во тоа време
Гоце Маринковски

„Имаме работено неколку претстави заедно. Тоа е претставата ‘Роберто Зуко’ којашто во моето драмско студио, што тогаш се викаше ‘Пиф-Паф’, Гоце играше една од улогите. Потоа отидовме на неколку фестивали. Ја игравме „Монолози во доцните часови“ со кои настапивме на Драмскиот аматерски фестивал во Кочани каде што имавме исклучителен успех“, вели актерот Ангелов.

Еден под бројните идоли на Гоце му е великанот на македонското глумиште, Петре Прличко. Сака неговата глума да биде иста како кај Прличко.

„Ако има некој јубилеј на Петре Прличко, од постоењето негово, од раѓањето, сакам да го направам тоа што тој не можел да го направи во тоа време“, вели Гоце.

Трети декември е денот посветен на лицата со попречености. Сепак, животот на Гоце, како личност која сака да биде дел од културата, не е едноставен.

Најголемиот страв на неговите родители е: „Сега ние се грижиме за него. Но, што ќе биде со Гоце во иднина?“
Најголемиот страв на неговите родители е: „Сега ние се грижиме за него. Но, што ќе биде со Гоце во иднина?“

Живее со неговите родители, кои се плашат дека можност за позначаен ангажман и напредок за нивниот син, како и воопшто за лицата со Даунов синдром.

Не знаеме што да кажеме. Нема иднина во Македонија за тие деца
Благородна Маринковска, мајка на Гоце

„Гоце добива нега 4.700 денари од 26 години, па натаму. Кое може од тие деца, ако нема родители, да опстане со 4.700 денари? Не знам. И, не е само Гоце. Тоа се многу деца и во Штип, а не, пак, и во државата. Не знаеме што да кажеме. Нема иднина во Македонија за тие деца“, вели Добринка Маринковска, мајката на Гоце.

Неговиот татко е Добре Маринковски, поранешен репрезентативен и професионален борач. Тој вели дека луѓето се однесуваат коректно со Гоце, но не секогаш.

„Има и луѓе и што го провоцираат. Има секакви луѓе, но тоа го прифаќаме како нормално“, вели таткото Добре.

Но, тоа што најмногу ги загрижува родителите на Гоце е што ќе биде со него во иднина, со оглед дека, како што велат, не може целосно да се грижи самиот за себе.

Државата треба да направи нешто. Да се отворат домови, каде тие луѓе ќе можат да престојуваат, да работат, да имаат активности
Добре Маринковски, татко на Гоце

„Државата треба да направи нешто. Да се отворат домови, каде тие луѓе ќе можат да престојуваат, да работат, да имаат активности. Така ќе биде испеглан, нахранет, испран“, смета Добре.

Независно од состојбата во која самиот се наоѓа, Гоце вели дека сака да им помага на луѓето со попречености. Воедно им порачува на сограѓаните да ги гледаат лицата со Даунов синдром како ангели и има посебна визија за едно обединето општество.

„ Тие што се со посебни потреби да бидат со други деца со посебни потреби. Албанските деца, кај ромските, македонските, српските деца. Сите да бидат зедно. Да не бидат раздвоени. Ако можеме, тука да ги вклучиме и животните да бидат дел од тоа општество. Да има разбирање“, категоричен е Гоце.

Независно од состојбата во која се наоѓа, Гоце сака самиот да им помага на лицата со попречености
Независно од состојбата во која се наоѓа, Гоце сака самиот да им помага на лицата со попречености

Во македонските институции нема прецизни податоци за бројот на лицата со Даунов синдром во државата. Според статистиките на Светската здравствена организација, на секои 1.000 до 1.100 новородени деца, се раѓа по едно со Даунов синдром.

Во македонските болници во 2021 година имало вкупно 18.648 живородени деца. Претпоставките се дека 15-ина од нив имаат Даунов синдром.

XS
SM
MD
LG