Линкови за пристапност

УНХЦР: Рекорден број на присилно раселени лица


Во пресрет на Светскиот ден на бегалците, од Агенцијата за бегалци на ОН велат дека до крајот на 2016-та година биле раселени 65,6 милиони лица

Во САД минатата година биле поднесени 262, 000 апликации за азил, веднаш по Германија каде биле поднесени повеќе од 722.400 нови барања.
УНХЦР

Нов извештај покажува дека како резултат на војни, насилство или прогон како никогаш досега на глобално ниво пораснал бројот на бегалци и внатрешно раселени лица.

Во годишниот извештај за глобалните трендови на Агенцијата за бегалци на ОН (УНХЦР) објавен во пресрет на Светскиот ден на бегалците, 20-ти јуни се вели дека до крајот на 2016-та година присилно биле раселени 65,6 милиони лица, што претставува зголемување од 300.000 во текот на претходната година.

Речиси две третини од вкупната бројка се внатрешно раселени лица. Бројот на бегалците во светот достигна 22,5 милиони „кое е највисоко ниво досега,“ се вели во извештајот.

Во извештајот на УНХЦР се вели дека еден на секои 113 лица во светот е бегалец или внатрешно раселено лице. Од 65,6 милиони лица кои биле принудени да ги напуштат своите домови минатата година, 10,3 милиони биле ново раселени, што со други зборови кажано значи дека на секои три секунди, по едно лице станува бегалец.

Додека луѓето продолжуваат да бегаат во рекорден број, извештајот заклучува дека минатата година околу 1,5 милион бегалци се вратиле во своите домови и околу 6,5 милион внатрешно раселени лица се вратиле во регионите од каде што потекуваат, иако „многумина го сториле тоа во помалку од идеални околности и се соочуваат со неизвесна перспектива.“

Податоците покажуваат дека сирискиот конфликт создал најголем број на раселени лица во светот-12 милиони, или речиси две третини од населението. Тие се или внатрешно раселени или живеат како бегалци, главно во соседните земји: Турција, Јордан, Либан, Ирак и Египет.

Во извештајот се забележува дека Авганистан и Ирак се на второ и трето место по најголем број на насилно раселени лица и дека бегалската криза во Јужен Судан расте најбрзо.

Исто така се наведува дека повеќето бегалци-84 проценти се во земјите во развој, а половината од нив се деца. Додека најсиромашните земји во светот го носат најголемиот товар на глобалната бегалска криза, во извештајот се вели дека повеќето од 2,8 милиони барањата за азил во 2016-та година се направени во богатите земји.

Од УНХЦР велат дека мината година најголем примател на нови апликации за азил е Германија, со повеќе од 722.400 барања. САД се на второто место со 262, 000 нови апликации

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG