Договорот од Преспа, направи историски пресврт на македонско-грчките односи и ја одблокира евроатланската интеграција на Северна Македонија, порача премиерот Зоран Заев, на официјалното отварање на Преспа-форумот за дијалог, кој се одржува во Охрид, а каде зборуваа поранешни и сегашни функционери, не само од Северна Македонија, туку и од САД и од Европската Унија.
Премиерот Заев рече дека од заробена држава, Северна Македонија станала современ пример, кој сите го нарекуваат успешна приказна.
„Од денешна перспектива, можам да кажам дека во решението на тридецениското прашање со Грција, употребивме методологија која дотогаш не беше позната. Оние кои беа проблем, одеднаш и без булдужер дипломатија од трети страни, почнаа да решаваат проблеми. Спорот помеѓу Грција и тогашна Република Македонија беше преседан во политичката историја, и за негова разврска беше неопходно да се најде решение за кое не постоеше пример во политичката историја и во меѓународните односи. Ние станавме испорачувачи на решенија и мир. Внесовме надеж. Сега имаме значително добри односи со Грција и значително подобрена билатерална соработка. Денес сме сојузници“, рече Заев.
Тој додаде дека „Балканот може, Балканот испорачува, Балканот е новата надеж на Европа, Балканот е Европа. Ние сме Европа, повеќе од кога било“.
Поранешниот грчки премиер Алексис Ципрас, во чие време беше потпишан Договорот од Преспа, рече дека чекорот кој го направиле испраќа силна порака до сите на Балканот.
„Првата причина поради која стигнавме до овој Договор е затоа што за тоа се бореа прогресивни политички сили, кои веруваме дека разликите меѓу државите можат и треба да се решаваат со заеднички прифатливи решенија и на мировен начин. Втората причина поради која стигнавме до овој Договор е затоа што никогаш не сметавме дека овој проблем, можат да го решат некои други. Ако можеше да се реши, ќе го решеа триесет години. Имавме многу подршка од ОН, меѓународната заедница, ЕУ, но никогаш не побаравме на друго место политичка волја за решение“, вели Ципрас.
Тој рече дека имплементацијата на Договорот од Преспа мора да продолжи доследно, особено со имињата на јавните субјекти и промената на училишните учебници.
„Ова се однесува на сите оние кои бараат можности да не потурнат и не веруваат во она што го изградивме досега. Не треба да го избегнуваат имплементирањето на Договорот за привремени бенефити и користи. Затоа е многу важно Грција поинтензивно да го следи и да продолжи со имлементација на Договорот со круцијални чекори. Да ги верификува двата меморандума и Договорот што е отворен и да продлжиме со трговските марки“, кажа Ципрас.
Поранешниот грчки премиер и со порака до Бугарија за решавање на проблемот со Северна Македонија.
„Би сакал да пратам една порака на пријателска Бугарија. Да ја охрабрам Бугарија да го направи големиот чекор. Знам многу добро колку е тешко да најдеш решенија и излези за чувствителни прашања. Но, неопходно е Бугарија да го направи овој чекор со Северна Македонија и да се реализира една посета за да може да се отвори процесот. Неопходно е Бугарија да испрати порака дека е дел од Балканот на иднината“, порача Ципрас.
Преговарачот во македонско-грчкиот спор под покровителство на ОН Метју Нимиц, рече дека Преспанскиот договор е уникатен договор помеѓу две држави.
„По три години од Преспанскиот договор можам да кажам дека тој е позитивен пример помеѓу две соседни држави, не само на Балканот, туку и во светот, и дека решение за долгорочни проблеми е навистина можно. Никој не изгуби со овој Договор и тоа е клучно. Ова е голем успех за дипломатијата на Балканот. Преспанскиот Договор е пример за одговорни соседи, кои се соочија исправени со своите проблеми. Атина и Скопје дојдоа до овој Договор, знаејќи дека ќе живеат вечно еден до друг. Ова е концепт кој другите во регионот мора да го следат како пример“, рече Нимиц.
Нимиц порача дека преговорите меѓу Северна Македонија и Бугарија мора да се засилат, што може да доведе до решение засновано на основниот принцип, а тоа е дека успехот на соседот е вредност од најголемо значење
„Според моето искуство, економските спорови се решаваат во регионот, но споровите кои се однесуваат на идентитетски прашања никогаш нема да се решат, затоа што се многу чувствителни. Прво треба да се воспостави атмосфера на пријатеслтво, и второ да се води дијалог со почит, што ќе овозможи успешен процес, што ќе доведе до тоа двете страни да не се чувствуваат дека ги преминале своите црвени линии. Клучно за мене е дека двата соседа треба да продолжат да работат на високо ниво. Втор мој приоритет е решавање на проблемот самиот по себе, без некоја друга страна да го реши за вас“, порача Нимиц.
Помошник - државниот секретар на САД за Европа и Евроазија Филип Рикер, од Охрид рече дека Преспанскиот договор е пример за целиот свет, не само за Балканот.
„Она што отскокнува за мене и за многу Американци, е што во Преспа постои стандард за останатите во регионот и за остатокот во светот, како се решаваат отворени конфликти преку дијалог. САД остануваат силно фокускирани на Западниот Балкан, како клучна точка на нашата визија за Европа, цела и слободна. Меѓународната заедница го препознава значителниот напредок што досега го направи Република Северна Македонија и храброста што е потребна да се соочи со досегашните предизвици. Уште многу нешта треба да се направат. Започнувањето на преговорите со ЕУ е процес кој бара голема посветеност и решителност. Ние. претеседателот Бајден, секретарот Блинкер, САД, сме сигурни дека Северна Македонија ќе преземе се` што треба за да ги зајакне реформите, да се зајакне владеење на правото, да се справи со корупцијата, да се зголеми транспарентноста, за да се обезбеди просперитетна иднина за нејзините граѓани“, порача Рикер.
Рикер порача и дека САД, никогаш не го напуштиле овој регион, туку дека САД во голема мера е дел од овој регион.
„Треба да знаете дека САД сакаат да стојат рамо до рамо со вас, како партнер, сојузник и како пријател“, нагласи Рикер.
Форумот за дијалог во Охрид продолжува и утре. Предвидени се панел дискусии на кои е најавено учество на сегашни претседатели на држави и премиери, не само од регионот, туку и пошироко. Освен во Охрид, овој форум се одржува и во Отешево во Преспа.
Facebook Forum