Линкови за пристапност

Речиси 40 градови и села поплавени поради уништувањето на браната во Херсон, вели Украина


Уништувањето на браната Каховка во областа на Украина окупирана од руските војници принуди евакуација на 16.000 луѓе кои живеат покрај реката Днепар
Уништувањето на браната Каховка во областа на Украина окупирана од руските војници принуди евакуација на 16.000 луѓе кои живеат покрај реката Днепар

Украина и Русија меѓусебно се обвинија за уништување на големата брана во близина на Херсон во јужна Украина, предизвикувајќи нова криза во земјата разурната од војна.

Уништувањето на браната Каховка во областа на Украина окупирана од руските војници испушти вода и принуди евакуација на 16.000 луѓе кои живеат покрај реката Днепар.

Украинските власти известија дека речиси 40 градови и села се целосно или делумно поплавени во регионите што ги контролираат, а влијанието исто така се очекува да биде сериозно во областите под контрола на Русија.

Русија го контролира левиот брег на реката и самата брана, додека Украина го држи десниот брег.

Во Вашингтон, Белата куќа соопшти дека не може со сигурност да каже што го предизвикало уништувањето на огромната брана, но ги проценува извештаите дека експлозијата била предизвикана од Русија, која ја окупира браната од минатата година.

Портпаролот на националната безбедност Џон Кирби рече дека е јасно дека уништувањето на браната најверојатно предизвикало „многу смртни случаи“.

Дел од информациите во текстот се од Асошиетед прес, Ројтерс и Франс-прес

XS
SM
MD
LG