Линкови за пристапност

Украина и Русија се обвинуваат меѓусебно за минирањето на браната


Британското Министерство за одбрана денеска соопшти дека во текот на претходните 48 часа „имало значително зголемување на борбите долж бројни сектори на фронтот, вклучително и оние кои беа релативно тивки неколку месеци“.

Амбасадорот на Украина во Ватикан рече дека се надева оти посетата на кардиналот Матео Зупи, мировниот пратеник на папата, ќе помогне во „пронаоѓањето соодветни одговори“ во име на „праведен мир“.

Украина и Русија меѓусебно се обвинуваат за минирањето на големата брана во вторникот во близина на Керсон во јужна Украина.

Уништувањето на браната Каховка во областа на Украина окупирана од руските сили принуди евакуација на луѓето што живеат покрај реката Днепро.

Претседателот Володимир Зеленски свика итен состанок на Советот за национална безбедност и одбрана за да разговара за ситуацијата.

„Уништувањето на браната на хидроцентралата Каховка само потврдува за целиот свет дека тие мора да бидат протерани од секој агол на украинската земја“, напиша Зеленски на Твитер. „Ниту еден метар не треба да им се остави, бидејќи секој метар го користат за терор. Само победата на Украина ќе ја врати безбедноста. И, оваа победа ќе дојде. Терористите нема да можат да ја спречат Украина со вода, проектили или нешто друго.

Шефот на украинската претседателска администрација, Андриј Јермак, на Телеграм напиша дека руското уништување на браната е „екоцид“ и воено злосторство.

Руските власти соопштија дека украински напади ја оштетиле браната.

Хуманитарната агенција на ОН денес напиша на Твитер дека уништувањето на браната „стави во опасност илјадници цивили, оставајќи многумина без домови и во очајна хуманитарна потреба“.

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг го нарече уништувањето на браната „безобразен чин, кој уште еднаш ја покажува бруталноста на руската војна во Украина“.

Претседателот на Европскиот совет Чарлс Мишел рече дека е „шокиран од нападот без преседан“ и дека Советот ќе разговара за ова прашање на состанокот овој месец.

„Уништувањето на цивилната инфраструктура јасно се квалификува како воено злосторство - и ние ќе бараме одговорност од Русија и нејзините полномошници“, напиша Мишел на Твитер.

Некои информации во оваа статија се од Асошиетед прес, Ројтерс и агенцијата Франс прес.

XS
SM
MD
LG