Линкови за пристапност

Министерот за образование „отворен да ги прими студентите за да дискутираат“

  • Синиша Станковиќ

Абдилаќим Адеми реагира на вчерашниот протест во Скопје, најави наскоро одлука за екстерното оценување

„За мене е несфатливо зошто протестираа кога се` уште немаме утврдено дали ќе воведеме екстерно оценување или државен испит во високото образование и се` уште не е утврден моделот. Кога ќе одлучиме и ќе утврдиме, тоа ќе биде споделено прво со универзитетите и студентите, а потоа и со јавноста“ изјави денес министерот за образование и наука, Абдилаќим Адеми.

Министерството за образование и наука веројатно до средината на декември ќе реши и ќе објави дали ќе има државен испит за студентите и во која форма.
Абдилаќим Адеми, министер за образование и наука на РМ

Иако изјави дека вчерашниот студентски протест бил легитимно и гарантирано право во едно демократско општество, Адеми беше дециден дека студентите не биле вистинските организатори на протестот и дека „некој стои во заднина“

Според него, тој од Студентскиот пленум, којшто ги организираше протестите, примил писмо во кое немало ништо конкретно за екстерното оценување.

„Има барање за оставка на министер, а се знае дека оставка секогаш бараат политички партии, а не студенти. Подготвив одговор на писмото но, за жал, не можам да го доставам зашто во писмото нема ни име ни адреса. Деновиве очекувам да добијам име на организаторот и адреса, за да им пратам одговор, а ако не добијам, тогаш јавно ќе одговорам преку средствата за јавно информирање“, изјави Адеми.

За мене е несфатливо зошто протестираа кога се` уште немаме утврдено дали ќе воведеме екстерно оценување или државен испит во високото образование и се` уште не е утврден моделот. Кога ќе одлучиме и ќе утврдиме, тоа ќе биде споделено прво со универзитетите и студентите, а потоа и со јавноста.
Министерот Адеми коментира на студентскиот протест

Во писмото, што претставници на илјадниците студенти коишто мирно демонстрираа го доставија до министерот Адеми, стои: „Нашето барање е последица на неспособноста на студентските парламенти да ги заштитат интересите на студентите... Резултатите од овие испити ќе бидат пресудни за иднината на студирањето на секој студент. Мерката во формата која е претставена реформата е многу проблематична и е во директен судир со уставно загарантираните права на граѓаните на Република Македонија“. Студентите тврдати дека со ставот на Владата се прекршува Уставот и дека е неопходна широка дебата, поради, според нив, неубедливите аргументи на власта.

Иако вчера не се појави пред нив, денес министерот најави дека е „отворен да ги прими студентите за да дискутираат“ и им порача дека Министерството за образование и наука веројатно до средината на декември ќе реши и ќе објави дали ќе има државен испит за студентите и во која форма.

Нашето барање е последица на неспособноста на студентските парламенти да ги заштитат интересите на студентите... Резултатите од овие испити ќе бидат пресудни за иднината на студирањето на секој студент. Мерката во формата која е претставена реформата е многу проблематична и е во директен судир со уставно загарантираните права на граѓаните на Република Македонија.
Од писмото на студентите до министерот Адеми

„Лично, повеќе сум наклонет да има, но не зависи само од мене, туку од повеќе фактори. Пред се`, од Одборот за акредитација кој треба понатаму да ги спроведува сите активности, па универзитетите, студентите, политики на Владата од аспект на образованието. Ако се одлучиме да има, тоа мора да биде без да се нарушува автономијата на универзитетите, без да се загрози Болоњскиот процес и без да има дополнителен товар и за универзитетите и за студентите“, изјави денес Адеми. Тој го цитираше и премиерот Никола Груевски којшто минатиот месец, кога ја најави новината, рече дека „мора нешто да преземеме, за да се зголеми квалитетот на високото образование“.

Според Адеми, што и да се преземе, „нема да биде тајно, туку ќе се прави со Закон за високо образование кој ќе се донесе во Собранието. Се` уште не е одлучено, и премиерот и јас неколку пати кажавме дека доколку одлучиме, тоа ќе биде транспарентно и се во функција да се зголеми квалитетот на високото образование“.

прашањето на екстерното тестирање повеќе не е прашање на оценка на квалитетот на знаењето на тие што се оценуваат, туку прераснува во општествен предизвик, преку кој ќе се мери демократскиот капацитет на актуелната власт од една страна, и интегриритетот на интелектуалната елита да застане на патот во кршењето на највисоките демократски вредности од друга страна.
Проф. д-р Крсте Шајноски

Медумите се поделија околу покривањето на вчерашниот настан. Додека проопозиционите медиуми со доза на еуфорија известуваа за изненадувачката бројност и сплотеност на студентите, провладините медиуми избраа да го игнорираат настанот, особено електронските, коишто или воопшто не известуваа, или му посветуваа по неколку десетини секунди.

Во бројните реакции на Интернет-порталите и на социјалнте мрежи, превладуваат мислењата за поддршка на процесот.

Професорот д-р Крсте Шајноски на порталот „Фактор“ истакна дека очекува „овие млади луѓе да добијат поддршка од своите колеги и од другите универзитети и секако од професорската фела, која не смее немо да го следи овој протест. Впрочем, прашањето на екстерното тестирање повеќе не е прашање на оценка на квалитетот на знаењето на тие што се оценуваат, туку прераснува во општествен предизвик, преку кој ќе се мери демократскиот капацитет на актуелната власт од една страна, и интегриритетот на интелектуалната елита да застане на патот во кршењето на највисоките демократски вредности од друга страна“.

На почетокот не мора да биде ригорозно, но нека укажува на тоа дека некои дипломци на некои групи се добри, некои други не се квалитетни, што ќе ја зголеми одговoрноста и студентите, а пред се, на професорите. Автономијата во тој случај ќе се препознае кај оние кои навистина се трудат и се квалитетни. Оној што произведува неквалитетни кадри, не сум сигурен дека некогаш може да биде автономен. Автономен во однос на што?
Д-р Илија Ацевски

Единствениот претставник од универзитетската заедница којшто досега реагираше со поддршка на контроверзното екстерно тестирање, д-р Илија Ацевски, во колумна во „Дневник“ денес наведува дека е важно да се побараат начини што објективно ќе ја проценат оспособеноста на дипломците, особено оние коишто ќе работат во буџетските установи.

„Дали треба да се верува дека тоа некој ќе го прави непристрасно, непартиски или субјективно? Јас поаѓам од тоа дека тоа ќе биде објективно. Во овој момент дури расправата не се води дали екстерното е потребно, туку дали ќе биде злоупотребено од страна на оние кои треба да го спроведат. Навистина е тешко да се процени што некој однадвор треба да го прашува некого кој дипломирал или стигнал до втора година и дали да продолжи понатаму... Содржината на тестот мора да биде препознатлива и поврзана со она кое идниот дипломец треба да го работи, мора да го ,,препознае“ профилот, мора да ја потенцира оспособеноста за нешто што е доволно препознатливо. Тоа е навистина тешка и одговорна задача. Дали тоа е можно? На почетокот не мора да биде ригорозно, но нека укажува на тоа дека некои дипломци на некои групи се добри, некои други не се квалитетни, што ќе ја зголеми одговoрноста и студентите, а пред се, на професорите. Автономијата во тој случај ќе се препознае кај оние кои навистина се трудат и се квалитетни. Оној што произведува неквалитетни кадри, не сум сигурен дека некогаш може да биде автономен. Автономен во однос на што?“, пишува Ацевски.

Во Законот за високото образование постојат механизми како да се провери издавањето дипломи.
Д-р Борче Давитковски

Деканот на Правниот факултет, д-р Борче Давитковски, пак, не им се придружил на студентите затоа што сѐ уште нема конкретен предлог на хартија за најавеното екстерно тестирање. Но, тој во „Нова Македонија“ изјави дека „во Законот за високото образование постојат механизми како да се провери издавањето дипломи. Имаме Одбор за акредитација и евалуација, кој слободно може да седне и да процени какви оценки сме им дале на студентите. Второ, ние имаме обврска на факултет да правиме внатрешна евалуација, а оценките на професорите се објавени јавно на нашата веб-страница. Трето, има надворешна евалуација, значи странци нѐ оценуваат, ја оценуваат наставата, начинот на оценување. Камо среќа да се искористеа постојните механизми што ги има со нашите закони, да се користеа алатките за оценување и проверка што веќе ги има во нашиот правен систем“.

XS
SM
MD
LG