Линкови за пристапност

„Само индекс имаме, партии не примаме!“


Околу 1.500-тини студенти денес на скопските улици мирно демонстрираа против одлуката на Владата за екстерно оценување

Со транспаренти „Доста беше молк!“, „Ова е само почеток!“, „Придружи се!,“,„Екстерното тестирање е Титаник на високото образование“ и „Ние сме студенти, а не клиенти“, околу 1.500 студенти, главно од скопскиот универзитет „Св. Кирил и Метдодиј“, денес протестираа по скопските улици, од платото пред УКИМ, преку Владата и седиштето на Студентскиот парламент, се` до Министерствто за образование, против воведувањето на екстерното тестирање што, според нив, ја урива автономијата на Универзитетот и им ја загрозува иднината.

На неофицијалниот Светски ден на студентите – 17-ти Ноември, македонските студенти, коишто изминатиов период неретко беа обвинувани од проопозиционите медиуми за пасивност, денес беа единствени и масовни против експериментите на власта во областа на образованието, но и едногласни во скандирањата „Само индекс имаме, партии не примаме!“, со што одговорија и на нападите на провладините медиуми - дека не се орудие на опозицијата, туку дека се залагаат за сопствените интереси.

Студентите на УКИМ почнаа да се самоорганизираат веднаш по најавата на ресорниот министер Абдилаќим Адеми за воведување на екстерно тестирање и во високото образование, односно за реформа со која се воведуваат државни испити на сите државни и приватни универзитети, што студентите мора да ги полагаат на крајот од втората и од четвртата година на студирањето. Според Адеми, идејата на власта е дека студентот којшто ги положил сите испити од првите две години, сепак, ако не го положи екстерниот испит по втората година, треба „да знае дека не може да продолжи понатаму, да не троши ни време, ни пари!“. Студентите во октомври и ноември одржаа четири студентски пленуми на коишто се собраа најпрвин мал број, за потоа, како одминуваше времето, преку самоорганизирање на социјалните мрежи, преку групите против екстерното тестирање, да излезат со јасен став дека предлогот на Владата е неуставен, да побараат поддршка од своите професори и од Ректоратот на УКИМ и да ги повикаат сите колеги од сите универзитети да им се придружат во нивните барања.

Студентите коишто застанаа против иницијативата на власта цврсто се спротивставија на, како што велат, индолентноста на нивните претставници во Студентскиот парламент, побараа оставка од министерот за образование и наука и повторно ги повикаа сите македонски студенти да се здружат заради „поттикнување на студентскиот активизам и обединување околу заедничкиот интерес“. Еден од студентите-учесници на протестот денес за медиумите изјави оти смета дека студнтите се важни, „затоа што по природата на нештата се иднината на оваа земја“, а друг најави дека се работи само за почеток на обединувањето на студените без оглед на нацијата, религијата и политичката определба, за здружување околу заедничките интереси.

Демонстрантите денес симболично го „погребаа“ Студентскиот парламент, пред чија канцеларија поставија венци и одржаа едноминутен молк, но сепак, од никого не беа удостоени со прием или разговор. Никој не излезе пред нив ни од Владата, ни од Студентскиот парламент, ни од Министерството за образование.

Само претходно, претседателот на Студентскиот парламент Кирил Спироски, кого студентите го обвинуваат за послушништво кон власта и го исвиркуваа на маршот, изјави во медиумите дека Парламентот не е „против начинот на кои студентите сакаат да го изразат своето мислење, но смета дека излегувањето на улица во моментов не е решение и треба да е последно нешто. Додека не видиме официјален предлог не можеме да се изјасниме, бидејќи крајниот исход може да биде и надворешна евалуација на програмите или нешто друго. И самиот премиер изјави дека решението не е конечно и дека за моделот ќе се разговара“.

Покрај основната причина – контроверзното екстерно тестирање што наиде на критики и меѓу дел од професорите, дел од студентите денес протестираа и против, како што наведуваат, очајните услови во студентските домови.

XS
SM
MD
LG