Линкови за пристапност

Милошоски: воените злосторства да се индивидуализираат


Милошоски: воените злосторства да се индивидуализираат
Милошоски: воените злосторства да се индивидуализираат

Да не бидат товар за цела држава и да влијаат на имиџот на целиот регион, реагира македонскиот шеф на дипломатијата на апсењето на Младиќ.

Воените злосторства треба да се индивидуализираат и не смеат да бидат товар за цел народ или држава и со тоа да влијаат на имиџот на целиот регион, рече министерот за надворешни работи на Македонија Антонио Милошоски, коментирајќи ја веста за апсењето на еден од најбараните хашки бегалци, Ратко Младиќ.

„Сметаме дека тоа е правилна работа, дека сите оние сомнежи, обвинувања, пријави, критики, судски случаи кои се поврзани за воени злосторства и други нечовечки однесувања треба да бидат индивидуализирани, за да не бидат товар на еден народ, држава и со самото тоа да бидат товар на имиџот на регионот“, рече шефот на македонската дипломатија.

Коментирајќи ги забелешките дека со апсењето на Младиќ, Република Македонија го губи чекорот пред Србија на патот кон европските интеграции, Милошоски потенцира дека тој начин на размислување треба да се надмине, бидејќи во никој случај назадувањето на соседите на патот кон ЕУ не значи нечиј напредок.

„Нам ни е во интерес секој наш сосед, и Грција, и Србија, и Бугарија, и Косово, и сите други да направат исчекор во процесот на евроинтеграција. Тоа на сите нас ни носи поволни моменти, бидејќи прво, го засилува демократскиот капацитет на регионот, второ, ќе влијае позитивно на имиџот, и трето, со самото тоа може да биде подобар предуслов за подобра регионална соработка и подобра трговска и економска соработка и развој во иднина“, рече Милошоски.

Тој порача државите од регионот да ја искористат својата поврзаност, заедничките интереси, за што подобро претставување и подобро искористување на идното членство во европското семејство

XS
SM
MD
LG