Линкови за пристапност

Разговорите во Саудиска Арабија беа огромен удар за Русија, вели Киев


Русија рече дека разговорите немале ниту најмала додадена вредност
Русија рече дека разговорите немале ниту најмала додадена вредност

Разговорите за враќање на мирот во Украина одржани изминатиот викенд во Џеда, Саудиска Арабија, ѝ нанесоа „огромен удар“ на Русија, бидејќи учесниците се согласија на последователен состанок, изјави во понеделникот шефот на украинскиот претседателски кабинет Андриј Јермак.

„Ќе одржиме уште еден состанок во рок од еден месец, месец и половина и ќе се движиме кон [одржување] самит“, рече Јермак на брифингот со новинарите.

На дводневниот мировен самит во Џеда учествуваа високи претставници од 42 земји.

Русија не беше поканета на разговорите на високо ниво.

Јермак рече дека сите земји присутни на разговорите во Џеда целосно ја поддржуваат украинската независност и територијален интегритет и оти на состанокот се разговарало само за мировните иницијативи што ги предложи Украина.

Тој призна дека учесниците не постигнале договор за делови од мировната формула од 10 точки на украинскиот претседател Володимир Зеленски, која повикува на повлекување на сите руски трупи и враќање на целата украинска територија под нејзина контрола.

Москва ги критикуваше напорите на меѓународните претставници кои се состанаа во Саудиска Арабија да најдат мирно решение за војната во Украина без да ја вклучат Русија во разговорите, кои, како што рече, немаат „ни најмала додадена вредност“.

Москва ги отфрли разговорите како обид на Западот да го усогласи глобалниот југ зад Киев.

Но, неутралната Кина, која се согласи да учествува на мировниот самит, рече дека ќе ја поддржи независната и непристрасна позиција за мировното решение за Украина.

Кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји ги изјави овие коментари во телефонски разговор со неговиот руски колега Сергеј Лавров.

Ванг рече дека Кина ќе служи како „објективен и рационален глас“ на сите меѓународни мултилатерални форуми и „активно ќе ги промовира мировните разговори“.

Западните официјални лица и аналитичари рекоа дека саудиската дипломатија била важна во обезбедувањето присуство на Кина на разговорите.

Под водство на престолонаследникот Мохамед бин Салман, кралството ги задржа врските со двете страни претставувајќи се како посредник и барајќи поголема улога на светската сцена.

Дел од информациите се од дописничката на Гласот на Америка од ОН Маргарет Бешир. Дел се од Асошиетед прес, агенцијата Фран -прес и Ројтерс

XS
SM
MD
LG