Состојбата со човековите права во Северна Македонија ќе биде проверена од работна група за ревизија на Советот за човекови права на Обединетите нации в четврток, по четврти пат, на состанок во Женева, објави Канцеларијата на високиот комесар за човекови права на ОН.
Северна Македонија е една од 14-те држави што сега ќе бидат разгледани од работната група, се вели во соопштението.
Документите на кои се засноваат прегледите се:
1. Национален извештај - информации обезбедени од државата што се разгледува;
2. Информации содржани во извештаите на независните експерти и групи за човекови права, познати како специјални процедури, тела за договори за човекови права и други ентитети на ОН;
3. Информации обезбедени од други засегнати страни, вклучувајќи ги националните институции за човекови права, регионалните организации и групите на граѓанското општество.
Претходните ревизии на состојбата со човековите права во Северна Македонија се одржаа во мај 2009 година, јануари 2014 година и јануари 2019 година.
Работната група е составена од 47 земји-членки на Советот за човекови права. Сепак, секоја од 193 земји-членки на ОН може да учествува во прегледот на земјата.
Државата што се разгледува можеби ќе сака да ги изрази своите позиции во врска со препораките што ѝ се поставени за време на нејзиното разгледување, соопшти Канцеларијата на високиот комесар за човекови права на ОН.
Неодамна, Стејт департментот на САД го објави извештајот за состојбата со човековите права во Северна Македонија во 2023 година, во кој, меѓу другото, беа регистирирани сериозна владина корупција и сериозни ограничувања на слободата на изразување и слободата на медиумите, вклучително и насилство и закани со насилство врз новинари.