Линкови за пристапност

Бајден и Путин ќе разговараат телефонски за тензијата на украинската граница


Двајцата лидери ќе се слушнат вечерва, руско локално време, при што Бајден се очекува да побара дипломатско решение за Украина

Претседателот на САД Џо Бајден денес ќе има телефонски разговор со рускиот претседател Владимир Путин. Високо официјално лице од администрацијата рече дека Бајден ќе бара дипломатско решение за тензијата на руската граница со Украина.

„Ние сме подготвени за дипломатија и дипломатски пат за придвижување напред. Но, исто така, сме подготвени да одговориме ако Русија продолжи со натамошна инвазија на Украина“, изјави за новинарите официјално лице од администрацијата на Бајден.

Разговорот, побаран од рускиот претседател Путин, доаѓа пред закажаните разговори на високо ниво во Женева на 10. јануари. Ниту еден од нив не се очекува да учествува во овие разговори, рече официјалното лице.

Ова ќе биде втор разговор меѓу двајцата лидери овој месец, кои на почетокот на декември зборуваа за 70.000 трупи што се распоредени на руската страна од границата, според разузнавачките информации од сателетиско мапирање. Аналитичарите прогнозираат оти Путин планира да распореди 175.000 војници.

САД во повеќе наврати ја осигураа Украина за нивната поддршка, и обезбедија десетици милиони долари во безбедносна асистенција.

Државниот секретар на САД Ентони Блинкен, вчера зборуваше со украинскиот претседател Володомир Зеленски. Во објавената изјава се вели дека Блинкен ја повторил поддршката за независност, суверенитет и територијален интегритет на Украина.

Белата куќа рече дека ќе има „значајни последици“ ако Русија изврши инвазија. Тие би вклучувале тешки економски санкции и зголемена безбедносна поддршка за Украина.

Зеленски вчера на Твитер напиша дека „добив уверување за целосна (американска) поддршка за Украина во справување со руската агресија“.

Портпаролот на Стејт департмент Нед Прајс рече дека Блинкен, исто така, зборувал со министрите за надворешни работи на Британија, Франција и Германија, во однос на „координација за справување со каква било руска агресија кон Укарина“.

Портпаролот на Кремљ Дмитри Песков го потврди денешниот телефонски разговор, додавајќи дека ќе се случи вечерта, според руско локално време.

Портпарол на Советот за национална безбедност во Белата куќа, за Гласот на Америка, рече дека САД се потпираат на нивните сојузништва во регионот за да постигнат дипломатско решение.

„Ние сме обединети како алијанса за последиците со кои Русија би се соочила ако ја нападне Украина. Но, исто така, сме обединети во нашата волја да се вклучиме во дипломатија со Русија“, рече тој.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG