Линкови за пристапност

Протести и контрапротести


Стечајците протестираа против политиката на Владата, а земјоделците и “Жртвите на транзицијата” против онаа на опозицијата.

Денеска немаше каде игла да падне пред Собранието. Излегоа стечајците да се бунат против Владата, но излегоа и земјоделски здруженија и граѓанската организација „Жртви на транзицијата“, кои искажаа револт против опозицијата. Во неколку наврати, амтосферата ескалираше во помали инциденти, поради што интервенираше полицијата.

Стечајците по една година пауза денес повторно побараа решение за нивните проблеми – да им се додели по 6.000 денари месечно до пензија за да преживеат.

Протестот се одржуваше за време на собраниската седница за пратенички прашања.

„Денеска имаме пратеничко прашање до премиерот преку опозицијата, како и на кој начин мисли да го реши нашето прашање. Прашуваме и каде и кој министер треба да се поклони за и стечајците да добијат закон како и бранителите. Тие прашања ги упатуваат стечајците, и јас лично до премиерот“, вели Лилјана Георгиевска, претседателка на Здружението на стечајци Куманово.

Темата влезе во Собранието. Барањата на стечајците ги пренесоа пратениците од опозицијата, на што одговори премиерот Никола Груевски, кој ги упати пратениците - членови на СДСМ да ги однесат стечајците да протестираат кај водачот на нивната партија Бранко Црвенковски, затоа што тој не го потпишал Законот за стечајците додека бил на претседател.

Денес протестираа и земјоделците, но за да искажат револтот против опозицијата поради тоа што не го поддржала Законот за субвенции во земјоделството, предложен од владата. На земјоделците им се приклучи и граѓанската организација „Жртви на транзицијата“, која го товари СДСМ за криминална приватизација.

На протестите насочени против опозицијата коментираше СДСМ.

„ВМРО ДПМНЕ ги активираше лажните здруженија кои ја исполнуваат зададената задача, се обидуваат да го задушат било кое автентично граѓанско организирање и јавно изразување револт“, изјави Гордан Георгиев од СДСМ.
XS
SM
MD
LG