Со симболично крвави раце, бели мантили облеани во црвена боја, но и со барања за оставки и одговорност, како и со фрлања јајца кон зградите на Владата и на Јавното обвинителство помина денешниот протест за скандалот што деновиве ја тресе македонската јавност, а кој е поврзан со клиниката за Онкологија во Скопје.
На протестот присуствуваа неколку стотици граѓани. Дел од нив носеа и транспаренти на кои можеше да се видат пораки како „Убијци за профит“, „Колку вреди човечкиот живот“, „Крадци убијци“.
Имаше скандирања и барања за одговорност од актуелната власт, но и за експедитивност од правосудните органи за целосно расветлување на случајот.
Во дел од протестот учесниците оставаа отпечатоци од крвави раце пред Владата и пред Обвинителството. Неколкумина од учесниците споделија и свои лични трауматични сведоштва за нивни блиски лица кои ја изгубиле битката со ракот на Клиниката за онкологија.
Меѓу учесниците, во првите редови беше забележливо присуството и на активисти од партијата Левица, а се појави и нивниот партиски лидер, Димитар Апасиев.
Денешниот протест беше најавен преку социјалните,мрежи, а доаѓа реакција откако викендов МВР и Обвинителството почнаа претрес на Клиниката за онкологија во Скопје, откако домашни медиуми објавија дека таму се правела трговија на црно со скапи лекови против ракот, како и дека на некои пациенти им се давале половични или несоодветни терапии.
„Пациентите се безбедни и нема манипулација со терапијата, откако сме поставени на функциите“, уверуваа денеска министерот за здравство Фатмир Меџити и директорката на Клиниката за Онкологија, д-р Виолета Клисарова.
Тие соопштија дека во Клиниката биле сменети дел од протоколите, бил формиран колегиум кој одредува кој пациент каква терапија ќе прима и бил ограничен пристапот на лица до клиничката амбуланта.
Од Обвинителството пак соопштија дека сè уште се вршат претреси и се прибираат докази, издадени се наредби за вештачење и ќе биде формиран посебен стручен тим.
„Во континуитет се издаваат наредби и се обезбедуваат докази кои треба да ја проверат вистинитоста на наводите изнесени во новинарските истражувања објавени во последните недели. Соодветните наредби за анализа на одземените компјутери и компјутерски податоци при претресите се веќе издадени. Истражните органи вршат распити на сите лица кои имаат сознанија за противправни дејствија“, соопштија од Обвинителството.
Скопското обвинителство додава и дека ќе формира тим од стручни лица кои ќе ја анализираат медицинската документација за водење на пациентите и администрирање на терапијата.