Линкови за пристапност

Претседателот и излезот од политичката криза


Ставови на аналитичари за иницијативата на Ѓорге Иванов.

Иницијативата на претседателот Ѓорге Иванов, за формирање на експертска комисија која ќе ги утврди причините и одговорноста за инцидентите во Собранието од 24-ти декември, ја подели политичката и експертска јавност во Македонија.

Социјалдемократите ја отфрлија веднаш откако беше објавена од Кабинетот на претседателот.

„Вашиот предлог за формирање на `експертска комисија` за утврдување на фактите го оценуваме како уште еден обид да се одложи соочувањето на актуелната власт со сопствената одговорност, и затоа за нас е неприфатлив“, соопшти СДСМ.

Владејачката партија ја прифати, но со извесни резерви.

„Констатирам извесна доза на дискриминација за нас, и тоа во поглед на застапеноста во комисијата, затоа што се предлага двајца претставници во комисијата да ги предложи опозицијата, а само еден владејачкото мнозинство. Исто така сметам дека треба да се земе предвид, a Вие тоа добро го знаете, дека учество на претставници на меѓународната заедница во комисии кои треба да се осврнат на домашни внатрешнополитички работи не е најдобро одбран пристап за легитимација во една суверена и самостојна држава“, изјави премиерот Никола Груевски.

Единствено безрезервна поддршка иницијативата доби од ЕК.

„Европската комисија целосно ја поддржува иницијативата на претседателот Ѓорге Иванов за формирање на експертска група што ќе ги разгледа околностите за настаните на 24 декември минатата година и ги повикува СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ внимателно да го разгледаат овој предлог“, изјави портпаролот на ЕК, Питер Стано.

Познавачите на приликите на политичката сцена во Македонија се со поделни мислења за можноста иницијативата да овозможи излез од политичката криза во која Македонија е повеќе од еден месец.

Универзитетскиот професор Јове Кекеновски смета дека предлогот на Иванов е добар начин за излез од кризата, затоа што зад него стои ЕК.

“Она што можеби раководството на СДСМ не сакаше или не можеше да го види во изјавата на Стано е следнава порака: `работата на таквата комисија треба да биде независна, непристрасна и базирана на европските стандарди`. Уште е поважно што препораките и заклучоците од работата на таа комисија да бидат земени предвид и од страна на Европската комисија во подготовката на пролетниот извештај за Македонија, што значи дека нема да се дозволи каков било обид резултатите од истрагата да се забошотат или пак да завршат под нечиј тепих. И тука е крај и паѓа во вода секое одбивање на предлогот макар и да е од претседателот” ни изјави Кекеновски.

Поинако мислење има Дане Талевски од Институтот Прогрес. Тој го доведува во прашање кредибилитетот на Иванов да предложи една ваква иницијатвива, поради што се сомнева дека таа може да биде клучот.

„Ова е задоцнета реакција на Иванов под притисок на меѓународната јавност, за да ја оправда својата позиција на претседател на државата. Со оглед на тоа дека постојано дејствува како сенка на премиерот, оваа иницијатива не може да биде кредибилна. Доколку се сака расчистување на инцидентот, нека се процесуира кривичната пријава на СДСМ против Трајко Вељаноски. Во таа постапка едноставно ќе се увиди што се случило и чија е одговорноста”, ни изјави Талески.
XS
SM
MD
LG