Американската администрација е јасна дека ќе продолжи да ги користи сите алатки за да ги повика на одговорност лицата и организациите кои со незаконски активности ја поткопуваат безбедноста и стабилноста на Северна Македонија.
Оваа порака ја прати американската амбасадорка еден ден по ставањето на Орце Камчев на црната листа поради злоупотреби, коруптивни активности и спроведување агенда за сметка на демократските институции и граѓаните
Анџела Агелер предупреди дека одлуките на Вашингтон, како вчерашната против моќниот бизнисмен, се насочени против сите поединици и структури за кои ќе се утврди дека се корумпирани и криминализирани независно од нивната партиска определба или функција што ја извршуваат.
„Злоупотребата на законот, позицијата, перењето пари, подмитувања и други прекршоци во кои учествувал Орце Камчев, не само што ја еродираат довербата на јавноста во судскиот систем на Северна Македонија, туку и претставува значајно предавство на граѓаните на оваа земја. Јавноста заслужува институции на кои може да им се верува дека ќе ги следат демократските ведности со транспарентност и без компромис. За Северна Македонија да ги надмине предизвициите што следат и да ја исполни целта за просперитетна, продуктивна и ценета членка на ЕУ, корупцијата не може туку така да минува. Корумпираните мора и ќе одговараат како што ова назначување и покажува. Одговорните мора да одговараат како што и беше вчерашната одлука“, изјави Агелер.
Во многу кус период на црната листа се најдоа и Камчев, бизнисмен со неколку случаи против него, човек исклучиутелно близок со политички кругови и со претходната владејачка постава, и актуелниот градоначалник на Струга Рамис Мерко, влијателна фигура во ДУИ, и домашната компанија „Сајтрокс“ поради изработка и прoдажба на шпионски софтвер.
Но, прашањето е што сега, откако овие поединци и компании се најдоа на црната листа?
„Не е на мене, како амбасадорка на САД во Скопје, да ѝ кажам на која било институција што таа, како продолжение, треба да направи. Нотирам, како што тоа и други го направиле, дека ние бевме во можност да најдеме доволно докази, да утврдиме дека овие лица се одговорни, да ги повикаме на одговорност, и тоа го направивме преку собирање информации овде, во оваа земја... Не станува збор за информации што сме ги собрале во Вашингтон, што значи дека информациите биле достапни. Соработувавме со домашните институции за да ги развиеме овие случаи, исто како и нашите колеги во Вашингтон.... И, како, кога и дали ќе се реши да се проследат овие случаи зависи од домашните институции. Ние нема да дојдеме во Северна Македонија и некого да апсиме, или да почнеме случај против некого, но интересно е да се види кои и какви чекори ќе следат“.
Партиски реакции по одлуките на Вашингтон немаше, но затоа пак, интересна изјава даде министерот за правда кој, исто така, ги прозва правосудните органи.
„Господинот Камчев е еден од главните спонзори за уништување на СЈО и неговото име се поврзува со многу други проблеми во државата денес. Мило ми е што се најде на црната листа на САД, но многу ми е жал за судскиот систем во Македонија, не го видоа и продолжуваат да не го гледаат на начин на кој очекува обичниот граѓанин“, вели министерот за правда Кренар Лога.
Не се исклучува можноста наскоро да има и нови означувања црната листа, но за тоа нема официјална потврда.
Агелер само кажа дека правниот процес е многу телемен за да се осигура дека има цврсти докази против проблемтичните лица и организации.
Но, беше јасна, дека во Вашингтон во „кој било момент се разгледуваат повеќе личности и организации“.