Линкови за пристапност

Преговорите за прекин на огнот ќе продолжат оваа недела, кажа Нетанјаху


Трифазниот план за прекин на огнот за Газа беше понуден на крајот на мај од американскиот претседател Џо Бајден, а со посредство на Катар и Египет
Трифазниот план за прекин на огнот за Газа беше понуден на крајот на мај од американскиот претседател Џо Бајден, а со посредство на Катар и Египет

Израел и Хамас можеби се поблиску до прекин на огнот, откако Хамас се откажа од барањето секој договор да вклучува целосен крај на војната, иако и двете страни рекоа дека постојат значителни празнини.

Разговорите за ставање крај на борбите се во застој со недели, но двајца претставници на Хамас во неделата рекоа дека палестинската група чека одговор од Израел за нејзиниот предлог за прекин на огнот, пет дена откако го прифати клучниот дел од планот на САД за ставање крај на војната.

„Го оставивме нашиот одговор на посредниците и чекаме да го слушнеме одговорот на окупацијата“, изјави еден од двајцата претставници на Хамас, анонимно, за Ројтерс.

Трифазниот план за прекин на огнот за Газа беше понуден на крајот на мај од американскиот претседател Џо Бајден, а со посредство на Катар и Египет.

Тој има за цел да ја заврши војната и да ги ослободи преостанатите заложници.

Околу 100 заложници беа ослободени со еднонеделниот прекин на огнот во ноември минатата година во замена за стотици Палестинци затворени од Израел.

Планот на Бајден повикува на шестнеделен прекин на огнот, во кој постарите, болните и женските заложници ќе бидат ослободени, во замена за стотици палестински затвореници.

Во текот на тие 42 дена, израелските сили ќе се повлечат од густо населените области на Газа и ќе дозволат враќање на раселените луѓе во нивните домови во северниот дел на Газа, изјавија официјални лица.

Израел разговарал за прекин на борбите со Катарците, според друг палестински функционер кој знаел за разговорите за прекин на огнот.

„Тие разговараа со нив за одговорот на Хамас и ветија дека ќе им го дадат одговорот на Израел во рок од неколку дена“, изјави еден официјален претставник за Ројтерс.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху рече дека преговорите ќе продолжат оваа недела, но не даде детална временска рамка.

Неговиот кабинет во неделата соопшти дека противењето на Нетанјаху кон оние кои го повикуваат Израел да ја запре офанзивата во Рафа го турка Хамас да влезе во преговори.

Канцеларијата ги повтори израелските барања во договорот за прекин на огнот, вклучително и да му се дозволи на Израел да продолжи со борбите за да ги исполни своите воени цели, да не им се дозволи на вооружените терористи да се вратат во северниот дел на Газа и да се зголеми бројот на живи заложници кои се ослободени.

Хамас вели дека ќе овозможи со преговорите да се постигне крај на војната, но за време на разговорите некои од заложниците ќе бидат вратени во Израел во замена за повеќе Палестинци затворени од Израел.

Палестински функционер близок до мировните напори рече дека предлогот може да доведе до рамковен договор, доколку Израел го прифати, што ќе стави крај на војната.

Директорот на американската Централна разузнавачка агенција Вилијам Барнс треба да отпатува за Катар оваа недела за понатамошни преговори, според извор запознаен со ова прашање.

Некои информации во текстот се од Асошиетед прес, Франс-прес и Ројтерс

Поврзано

XS
SM
MD
LG