Линкови за пристапност

Предлог-законот за заштита на новинарите не помина во Сенатот на САД


Сенаторот Том Котон зборува за време на сослушувањето на Капитол Хил во Вашингтон, 21 мај 2024 година
Сенаторот Том Котон зборува за време на сослушувањето на Капитол Хил во Вашингтон, 21 мај 2024 година

Законот што би им дал на новинарите поголема федерална заштита не помина во Сенатот вчера вечерта, откако беше блокиран од сенаторот Том Котон.

Законот предвидува да ги заштити новинарите да не бидат принудени од владата да откриваат информации, како што е идентитетот на изворите.

Тој, исто така, би го ограничил запленувањето на податоците на новинарите без нивно знаење.

Скоро секоја американска сојузна држава и округот Колумбија имаат или закон или судско признавање на квалификувана привилегија за извори, но не постои федерален закон.

Претставничкиот дом под контрола на републиканците едногласно го усвои овиј закон за медиуми во јануари. Но, обидот за усвојување на законот во Сенатот, преку едногласна согласност, пропадна во вчера откако беше блокиран од Котон.

Секој сенатор има моќ да го запре нацрт-законот. Во говорот, Котон, републиканец, рече дека го блокира законот поради загриженоста за националната безбедност.

„Усвојувањето на овој предлог-закон ќе го претвори Сенатот на САД во активен соучесник на протекување бирократски информации, предавници и криминалци, заедно со новинарите кои ја мразат Америка и се гладни за слава“, рече Котон.

„Спротивно на она што може да го мислат членовите на печатот, значката за печатот не ве прави подобар од остатокот од Америка“, додаде Котон подоцна.

Законот за медиуми прави исклучоци за тероризам и други итни случаи.

Демократскиот сенатор Рон Вајден даде демант по говорот на Котон.

„Разбирам дека немаме согласност денес. Мислам дека е жално. Мислам дека Америка би била посилна и послободна ако го усвоиме овој закон денес. Но, ќе се вратиме“, рече Вајден.

„Слободниот говор е фундаментален за она што ја прави нашата земја толку посебна“, рече Вајден подоцна.

Групите за слобода на медиумите изразија разочарување поради неусвојувањето на законот.

Откако новоизбраниот претседател Доналд Трамп победи на изборите за Белата куќа во ноември, неколку групи за слобода на печатот рекоа дека го прават последниот притисок законот да го донесат до Конгресот и претседателот Џо Бајден да го потпише пред ја напушти функцијата.

Трамп претходно се закани дека ќе ги затвори новинарите доколку не ги откријат изворите на текстовите за кои тој верува дека имаат импликации за националната безбедност.

И минатиот месец, тој ги повика републиканците да не го изгласаат законот, во објава на Truth Social.

XS
SM
MD
LG