СКОПЈЕ – Државата наредната година ќе собере 13 отсто повеќе пари но истовремено ќе потроши и 10 отсто повеќе. Предлог буџетот за 2025 година помина на денешната владина седница и изнесува рекордни 6,5 милијарди евра. Приходите се проектираат на 5,8 милијарди евра. Во Буџетот, според министерката за финансии, Гордана Димитриеска Кочоска се обезбедени пари за повисоки пензии и плати, како и пари за општините и поголеми дотации.
„За плати ќе има 5,5 милијарди денари од кои две милијарди ќе одат за основно и средно образование, а останатите 3,5 милијарди се за зголемување и на останатите плати, а најверојатно и за зголемување на минималецот. Фондот за здравство ќе има 5,2 милијарди денари, а во март ќе има зголемување на пензиите за 2.500 денари“, изјави министерката Димитриеска Кочоска и додаде дека кон ПИОМ ќе се префрлат околу 24 милијарди денари.
Висока проекција за капитални инвестиции има и во 2025 година и тие изнесуваат над 800 милиони евра.
„Ако го гледаме она што Министерството за финансии директно може да го контролира, државниот долг нема да ги надмине 60-те проценти. Во однос на јавниот долг, се ќе зависи од тоа какви информации ќе добиеме и од јавните претпријатија во однос на нивната реализација. Вкупно 500 милиони евра е еврообврзницата во јануари, ги обезбедуваме средствата, ќе ја рефинансираме, плус тековни околу две милијарди, но има и државни хартии од вредност кои не влегуваат во Буџетот“, кажа Димитриеска Кочоска и нагласи дека од оваа ставка за капитални инвестиции не може да се крати, зашто најмногу средства се предвидени од кредити.
Министерката Кочоска е децидна дека државниот долг нема да надмине 60 проценти од БДП а јавниот долг ќе зависи и од јавните претпријатија.
Растот за идната година е проектиран на 3, 7 отсто наспроти оној на Светска банка од 2, 5 проценти, а инфлацијата 2, 2 проценти.
Facebook Forum