Владејачката СДСМ ја поздрави предложената Резолуција во американскиот Сенат да се слават македонскиот јазик, култура и историја. Според партијата, тоа е уште една потврда за успешноста на меѓународната политика на СДСМ и признание за конструктивната улога на Македонците во градењето на американското општество.
„По Резолуцијата во Германскиот Бундестаг со Резолуцијата во САД гордост е да се знае дека македонските јазик, култура и историја добиваат признанија и промоции насекаде низ светот.Наспроти повеќемесечните лаги на ДПМНЕ за наводно загрозување на македонскиот јазик и идентитет, факт е дека тие како никогаш порано не се повеќе заштитени и потврдени во светот“, се вели во соопштението на СДСМ.
Оттаму додаваат дека СДСМ продолжува да работи на дополнителна меѓународна афирмација на македонскиот јазик, култура и посебност и да ги остварува стратешките цели на државата.
Поддршка има и од опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Портпаролот на партијата, Наум Стоилковски одговарајќи на новинарско прашање рече дека ВМРО-ДПМНЕ дава безрезервна поддршка на предложената резолуција за заштита на македонскиот идентитет и ги охрабрува и другите институции и држави да донесат документи за поткрепа на многувековната македонската посебност
„Дозволете ми да подвлечам дека пред две години никој не зборуваше за гаранции за македонската многувековна историска и културна посебност, и ова прашање и реакција се случува благодарение на ВМРО-ДПМНЕ која што го отвори и наметна прашањето во јавниот дискурс. Како ВМРО-ДПМНЕ даваме безрезервна поддршка на оваа Резолуција. Значајно е тоа што стратешките партнери имаат разбирање за македонскиот народ и нивната посебност и многу е важно ова прашање да добие што поширока поддршка, односно да ги поттикне и другите држави и европските институции да донесат документи преку своите институции во поткрепа на многувековната македонска посебност, историја, јазик и култура, односно со еден збор македонскиот идентитет“, изјави Стоилковски.
Резолуцијата поднесена од републиканскиот сенатор Мајк Брон од Индијана, доколку биде изгласана во Сенатот, предвидува месец септември 2023 година да биде прогласен за месец на македонско-американското наследство при што во триесетте дена ќе се слават мајчиниот јазик и културата на македонските Американци и ќе се истакнат клучните придонеси и културно влијание на генерациите Македонци врз САД.