Линкови за пристапност

Министерката за култура ја поздрави предложената резолуција во Сенатот


Со резолуцијата се предлага септември 2023 година да биде прогласен за месец на македонско-американското наследство
Со резолуцијата се предлага септември 2023 година да биде прогласен за месец на македонско-американското наследство

Министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска ја поздрави предложената резолуција на републиканскиот сенатор Мајк Брон за месец септември да биде прогласен за месец на македонско-американското наследство.

„Ова е резултат на пристапот на Македонците било каде во светот да учествуваат и бидат конструктивни градители на државите кои ги избрале за да го изградат својот дом“, напиша на својот Фејсбук профил, Костадиновска-Стојчевска.

Таа додава дека „Македонските Американци ги прифатија слободите на американското општество и се интегрирани во сферите на уметноста, науката, бизнисот, политиката, медицината, спортот и на други полиња како резултат на можностите да се биде рамноправен дел и да се учествува во остварувањето на граѓанските и верските слободи, основните човекови права за да се даде сопствениот придонес во развојот на заедницата“.

„Денес тоа е модел кој го избра и кон чие усовршување се стреми и нивната матична земја и татковина како општество во кое секој ја заслужува својата шанса“, напиша Костадиновска-Стојчевска.

Во резолуцијата, меѓудругото се вели дека е важно да се истакнат клучните придонеси и културно влијание на македонските Американци во САД.

Според проценките наведени во документот предлагачот наведува дека во САД живеат околу 500.000 граѓани со македонско потекло, од кои најголем број од нив во сојузните држави Мичиген, Њу Џерси, Њујорк, Охајо, Индијана, Илиноис, Пенсилванија, Флорида, Тексас, Аризона и Калифорнија.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG