“Јас сум лебот на животот. Кој доаѓа кај мене нема да биде гладен. И кој верува во мене никогаш нема да биде жеден”.
Со овие зборови папата Францис ја отвори светата миса на плоштадот “Македонија” пред илјадници посетители.
Луѓето беа овде уште од шест часот изутрина. Со часови трпеливо чекаа да ја доживеат божјата љубов во присуство на човекот што е лидер на Католиците, но повеќе од тоа – великан на светот, кој дојде во оваа, релативно мала земја, зашто почувствувал дека на црквата, на народот и на државата во целост, им треба охрабрување.
“Навикнавме на јадење устоен леб на дезинформации и станување затвореници на нечесност, етикетирање и јавно срамотење. Мислевме дека конформизмот ќе ја задоволи нашата жед, а се покажа дека пиеме само индиферентност и нечувствителност. Се храневме со соништа за раскош и грандиозност, а завршивме со конзумирање, дистракција, изолација и самотија. Станавме затвореници на виртуалноста, го изгубивме вкусот и мирисот на реалноста”, рече папата од подиумот на плоштадот.
Ова беше главниот настан денеска, но, Светиот Отец не пропушти да се сретне со државниот врв. Неговата резонантна порака ја вклучи и констатацијата дека “мешавината од етнички и култури и припадности беа причина да се стигне до мирен и траен соживот”. Зашто, како што рече тој, “културното богатство на вашата земја е огледало на вашето најценето и најважно наследство: мултиетничкиот и мултирелигискиот лик на вашиот народ”.
Веднаш по поздравувањето на аеродромот, претседателот на државата Ѓорге Иванов го поведе во резиденцијата на Водно. Таму имаа средба зад затворени врати, по што двајцата излегоа со изјави.
Додека папата го поздрави народот со зборови на верба, она што Иванов го кажа во голема мерка беше одраз на “предизвиците”, како што рече, во неговиот мандат, што, патем, завршува за неколку дена.
Тој почна со значењето на симболите. Од една страна, зборуваше за големата симболика на посетата на понтифот, а од друга за празнотијата на симболите. Иванов рече дека папата станал симбол за многу нешта кои имаат вредност, а немаат цена.
Но, брзо потоа премина на внатрешнополитичката ситуација која го ставила пред големо искушение во очи на оваа посета. Можел, рече, да зборува се` најубаво за неговата држава, но, верувал дека е многу поважно да зборува за неизвесната сегашност, колку и тоа да било тешко.
“Вистината е дека Вие доаѓате во време кога македонското општество е длабоко поделено, а македонската држава е тешко ранета поради прекршени ветувања, изневерени очекувања и разнишана доверба во меѓународната заедница“, рече Иванов.
Ова не остана незабележано кај медиумите, меѓу кои еден дел го протолкуваа како уште еден негов обид да се оцрни државата од чие чело заминува.
На изненадување на претставниците на медиумите во прес- центарот дојде премиерот Зоран Заев.
Очекувано, беше запрашан за зборовите на Иванов, на што одговори дека ова не е ден за политика и дека нема да коментира на таа тема. Сепак, Заев кажа дека дел од причината на доаѓањето на папата во Северна Македонија лежи во Преспанскиот договор кој “покажува дека соработка во регионот е можна” кога има волја.
Никој овде не го крие фактот дека во Северна Македонија, па и со зборови на папата, има “мало стадо Католици”, зашто неговата посета има многу поголема димензија од религиозната.
Таа е круна на 25 години развиваните односи со Ватикан по нагорна линија, и возвраќање на гостопримството што Ватикан го дава редовно на македонски делегации за Денот на македонските просветители Кирил и Методиј.
Во спомен куќата на Света Мајка Тереза, на средбата со верските лидери, медиумите немаа пристап, но папата и неговата придружба веднаш потоа, на отворено, пред куќата, имаа средба со ранливите и сиромашните кои му кажаа колку им помогнала вербата во животот.
Католичката црква беше последната дестинација на високиот гостин каде во Пасторијалниот центар тој имаше Екуменска и меѓурелигиска средба со младите.
На завршниот благослов, тој рече дека ќе ги понесе неговите домаќини во своите молитви и побара тие да се молат за него.
Facebook Forum