Загадувањето на воздухот во Скопје измерено во десет часот утринава покажа 319,69 микрограми честички на еден кубен метар, што е речиси седум пати над дозволените 50 микрограми. Но, вака високото ниво на загаденост, кое според податоците од Министерството за животна средина трае од неделата, не е само во Скопје, туку и во Тетово и Кичево, а нешто помали вредности, но далеку над нормалната граница, има и во Велес и Кавадарци.
Неколкуте сончеви и ведри зимски денови и повремениот ветер, не помогнаа многу во намалувањето на ПМ-10 честичките, кои, според сите еколошки и здравствени анализи се најголема закана по здравјето. На врвот на листата на места со највисока концентрацијата на овие канцерогени честички се скопските општини Гази Баба, Центар, Карпош, Ново Лисиче и областа околу Ректоратот, но и во Кичево, Тетово, Велес и Миладиновци, каде доволеното присуство од 35 микрограми на кубен метар е надминат повеќекратно - за пет, шест, десет, а на некои места и за 20 пати, односно и до 1.000 микрограми ПМ-10 честички на кубен метар.
Според Интерсекторската работна група за квалитет на воздухот, Владата прогласува вонредна состојба со соодветни мерки, доколку загадувањето на воздухот 10 дена по ред е над 100 микрограми на кубен метар. Но, ниту овие алармантни податоци, ниту информацијата дека ваквата состојба е непроменета веќе шест дена, не се доволни за еколошките и локалните власти да преземат некои од мерките предвидени во Законот за заштита на животната средина и усвоени од локалните совети - воведување на возен ред по принципот пар-непар, бесплатен јавен превоз и прскање на улиците со калциум – магнезиум ацетат.
Од Министерството за животна средина велат дека тие ги завршиле сите мерки кои биле во нивна надлежност.
„Ги затворивме големите фабрики кои загадуваа. Сите други мерки кои треба да се преземат се во рацете на локалната самоуправа. Нивните инспектори треба да вршат проверка какви дрва за огрев користат граѓаните, а надлежност на Министерството за економија е да врши контрола на старите автомобили“, вели Сашо Секуловски.
Градот Скопје, пак, најави дека доколку загаденоста не се намали, кон средината на јануари ќе го спроведе пилот - проектот за прскање на улиците со посебен препарат што би го намалило загадувањето за 30 проценти.
„Оваа година Градот Скопје веќе подготвува и една друга можност, а тоа е прскање на улиците со калциум - магнезиум ацетат. Ова средство ги лепи канцерогените ПМ-10 честички и го спречува нивното издигнување во атмосферата. За прскање на улиците 10-тина цистерни од ЈП „Комунална хигиена“ ќе бидат целосно пренаменети“, вели градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски.
Она што засега функционира е само привремениот престанок со работа на најголемиот загадувач на Скопје, фабриката „Макстил“, и делумната ограниченост во работата на загадувачот на Тетово „Јегуновце“, до поставувањето опрема за спречување на емисијата на значителни количества опасна прав, чад и други состојки, што пак е услов за добивање на еколошка дозвола.
Од први јануари, пак, на сила стапуваат ограничувања за возилата кои не ги исполнуваат стандардите за издувните гасови. Според измените во Законот за возила, се воведуваат високи казни за станиците за технички преглед кои нема да ја мерат количината на издувни гасови, додека возилата што не ги исполнуваат условите, нема да бидат регистрирани. Тоа, пак, ќе значи намалување на бројот на возила што го загадуваат воздухот, и воедно ќе се подобри квалитетот на воздухот.
Светската здравствена организација, во своите студии, го посочува аерозагадувањето како директна причина за околу 3,3 милиони смртни случаи во светот, од кои 2,4 милиони се од надворешно загадување од издувни гасови, оџаци од домаќинства и друг индустриски смог. Или, повеќе смртни случаи отколку во сообраќајни несреќи. И додека Министерството и градските власти меѓусебно си ја префрлуваат вината, здравствените власти го вклучија црвеното светло на тревога -сезоната на вируси, во комбинација со екстремно загадениот воздух, посебно во Скопје, ги наполнија болниците до последно место. Од Клиниката за пулмологија и алергологија велат дека во Скопје ова е „класична сезона“ во која страдаат и децата и возрасните и хронично болните од белодробни заболувања, но и здравите луѓе. „Секој ден се испишува некој и неговото место веднаш се пополнува“, велат оттаму.
Во извештајот објавен во јуни годинава, Светската банка ја рангира Македонија во земји со најзагаден воздух во Европа. Во анализата чија цел е проценка на ефектите на загадувањето на воздухот врз здравјето и трошоците врз општеството, Македонија е на петтото место според годишните смртни случаи предизвикани од загаден воздух, односно од ПМ-10 честичките. Сознанијата на Светска банка се дека цврстите честички се одговорни за повеќе од 1.350 смртни случаи годишно и илјадиници изгубени работни денови, и економски трошок од 3,2% од бруто домашниот производ.