Линкови за пристапност

Платата ни трае само три дена: Македонски граѓани негодуваат за цените на неопходните намирници


Граѓаните велат дека платите и пензиите со сегашните цени на производите не им се доволни да поминат половина од месецот
Граѓаните велат дека платите и пензиите со сегашните цени на производите не им се доволни да поминат половина од месецот

Ниту загарантираните цени на дел од производите, не помагаат многу, велат дел од граѓаните со кои разговаравме низ Охрид

„За три дена. Доволно е за три дена. Не стасува ништо. Остатокот работиме друго, мора да се снаоѓаш“, вели македонски граѓанин со кого разговаравме во Охрид.

Граѓаните велат дека платите и пензиите со сегашните цени на производите не им се доволни да поминат половина од месецот.

„Не стасуваат затоа што пензиите се многу ниски. Кој може да издржи со 12.500 денари. Пет илјади денари одат, за струја, вода, телефони. Сто евра не остануваат за јадење. Што со 100 евра ќе направиш. Одиш во продавница, 1.000 денари ќе потрошиш, а ќесето е празно“, вели еден од нашите соговорници.

Друг, пак, на прашање како го поминува месецот, ни одговори: „Тешко. Нормално дека е тешко. Цените се превисоки. За стандардот наш се превисоки. Треба да се смалат и дојдат до некој ред“.

Правејќи споредба со цените на производите во странство, граѓаните велат дека овдешните цени се поскапи дури и од тие во Западна Европа.

Платата овде, за овие цени, треба да биде најмалку 1.500 евра
Жител на Охрид

„Во споредба со странство многу работи и се поскапи. За реални не се реални за овој стандард. Платата што е овде за овие цени најмалку треба да е 1500 евра. Овие се многу поголеми од странство. Јас имам деца во странство и одам често таму. Овде само лебот и даноците се поевтини“, објаснува еден од нашите соговорници.

Граѓаните велат дека со овие плати и со сегашните цени на производите, можат да ги задоволат само основните животни потреби. За нешто повеќе е веќе тешко.

Ниту загарантираните цени на дел од производите, не помагаат многу.

„Ми стасуваше пред една година, а сега тешко. Пред тоа знаев да си тргнам и некој денар настрана, а сега не можам да го поминам месецот. Без 2.000 денари нема излегување. Кога ќе одите дома, кога ќе видите, не сте зеле кој знае што, а парите отишле“, вели жителка на Охрид.

Друг, пак, смета дека досегашните покачувања на цените не биле реални:

„Овие цени во маркетите кои се со загарантирани цени се реални намалувањата или не? Некои се намалени, а некои не се. Доволни ли се тие намалувања? Малку, 5, 10 отсто. Многу вештачко покачување имаше. Колку средства ви се потребни за да го поминете месецот? 30.000 минимално за двајца, а младите кои имаат деца, со 60.000 не можат да излезат на крај“.

Посочуваат и дека во некои продавници воопшто нема намалување на цените.

„Не се реални за нас. Од еден маркет во друг, различни се цените. Не се исти. Некаде не се ни намалени. Работиме дополнителна работа, бидејќи не стигаат платите. Ние сме тројца со синот. Синот не е женет. 40.000 денари и повеќе ни се потребни“, вели една од жителките на Охрид.

Податоците на Сојузот на синдикати на Македонија, покажуваат дека вредноста на Синдикалната минимална кошничка за четиричлено семејство за септември изнесувала 48.379 денари. Според Државниот завод за статистика индексот на трошоците на животот во септември 2023 година, во однос на септември 2022 година, бележи зголемување од 6.6%, а индексот на цените на мало бележи зголемување од 4.7%.

Премиерот Димитар Ковачевски вели дека со замрзнување на цените на храната ја преполовиле инфлацијата, а со покачување на платите ја заштитиле куповната моќ на граѓаните.

XS
SM
MD
LG