Топлотни бранови со енормно високи температури ги зафатија САД. Половина од населението доби предупредување од Националната метеоролошка служба за претпазливост во овие услови.
Американскиот претседател Џо Бајден најави субвенции од една милијарда долари за градовите да посадат дрва во борбата на справување со глобалното затоплување. Бајден посебно ја истакна потребата да се заштитат работниците и фармерите.
Зголемени инспекции во високоризичните индустрииЏо Бајден, претседател на САД
„Вршителот на должноста секретар за труд ќе работи со нејзиниот тим на зголемени инспекции во високоризичните индустрии како што се градежништвото и земјоделството. Оваа работа се надоврзува на националниот стандард што Одделот за труд веќе го развива во однос на правилата за безбедност на работниците при топлотни бранови“, рече Бајден.
И покрај црвената алертна фаза во главниот град на САД Вашингтон, некои компании се оглушуваат на препораките. Гласот на Америка на терен забележа работници кои ги извршуваа градежните активности, иако во помал обем од претходните денови.
И градот во целина не е толку раздвижен како вообичаено во овој период на годината.
Екстремно високите температури и црвената алертна фаза речиси го испразни Националното шеталиште тука во Вашингтон. Граѓаните добија предупредување дека меѓу 11 и 20 часот по локално време температурите ќе бидат високи, а високите температури се чувствуваат уште во раните утрински часови заедно со спарноста во воздухот. Единственото разладување тука во Националното шеталиште се длабоките сенки, но и климатизираните музеи кои се во близина.
Голем број од клупите останаа празни. Сепак, Националното шеталиште е синоним за спортски активности, и некои не се откажуваат од таа намена на овој простор, и покрај сериозноста на ситуацијата. Властите велат дека е многу опасно по здравјето, посебно за ранливи категории – деца и повозрасни граѓани, и дека генерално треба да се избегнуваат било какви поинтензивни активности на високи температури и со лош квалитет на воздухот.
Но за оние кои одлучиле да го посетат главниот град на САД, времето не е пречка да бидат на отворено, каде што се најголемите знаменитости на Вашингтон.
За заштита од пеколните температури во многу градови низ САД се поставија монтажни објекти за да се сместат бездомниците. Еден од примерите е градот Феникс во сојузната држава Аризона, каде исто така има црвена алертна фаза поради високите температури.
Климатските промени се голем фактор во екстремно топлотните бранови, особено во месец јули, како во САД така и низ светот. Светската метеоролошка организација предупредува дека оваа година месецот јули е на пат да биде најтопол месец до сега. Се очекува температурите да надминат 40 степени во Северна Америка, Азија и Северна Африка. Прогнозите велат дека екстремно високите температури ќе продолжат и наредниот месец.
Во меѓувреме, администрацијата на Бајден планира да потроши 7 милиони долари за развој на подетални временски прогнози, како и 152 милиони долари за подобрување на инфраструктурата за вода за пиење и за отпорноста на климатските промени во сојузните држави Калифорнија, Колорадо и Вашингтон.