Линкови за пристапност

Процедурите во фокусот


Постапено во согласност со Деловникот, Уставот и законите, смета претседателот на Собранието. Легитимно беа поставени важни прашања дали процедурата беше запазена при усвојувањето на буџетот, изјави амбасадорот на САД.

Инцидентите што се случија во и пред Собранието, по што опозицијата одлучи да го напушти законодавниот дом, и натаму се причина за напнатост на политичката сцена.

„Постапено е во согласност со Деловникот, Уставот и законите, како и процедурата за донесување на буџетот“.
Трајко Вељаноски, претседател на Собранието

Претседателот на Собранието Трајко Вељаноски во интервју за МИА рече дека жали за случувањата од понеделникот, но тврди дека бил принуден да го одржи редот во пленарната сала и да создаде елементарни услови за работа.

„Постапено е во согласност со Деловникот, Уставот и законите, како и процедурата за донесување на буџетот. Во мојата професионална, но и лична кариера не сум бил исправен пред потешка одлука, особено поради тоа што е поврзана со колеги пратеници. Беа направени максимални напори да се изнајде решение и беа искористени сите можности за деблокирање на донесување на буџетот, но опозицијата не прифати ниту еден од дадените предлози и го злоупотреби парламентот за своја ултимативна пресметка со Владата“, наведува Вељаноски во интервјуто.

„Потребна е храброст и зрел политички дијалог за да се адресираат политичките разлики, и визија за да се погледне над теснопартиските интереси и да се унапредат интересите на земјата“.
Пол Волерс, амбасадор на САД во Република Македонија

Според претседателот на Парламентот, на крајот мора да победи редот и поредокот, да се покаже дека државата функционира. Тој коментираше и за одговорноста за случувањата од понеделникот.

„Одговорност постои и од постапување и од непостапување. И од преземање и од непреземање мерки. Чија ќе беше одговорноста од недонесување на буџетот? Што треба да значи бесцелното расправање по амандмани со месеци, додека немањето буџет го става во економски и социјален грч целото општество, особено најранливите категории, односно пензионерите, корисниците на социјални пакети, земјоделците и бизнисот. Во крајна мера, одговорноста ќе си ја понесеме и како поединци и како политички претставници на следното изјаснување на граѓаните“, вели Вељаноски.

„Обезбедувањето не може да биде виновно. Може да биде виновен оној кој ја дал наредбата. А, тоа е претседателот на Собранието. И, треба да се докаже во каква постапка тој обезбедил право на тој начин да интервенира“.
Стојан Андов, поранешен претседател на Собранието

Во врска со бркањето на новинарите од галеријата, Вељаноски изрази жалење, но повтори дека тој не е виновен, туку дека станува збор за безбедносна проценка на собраниското обезбедување. На прашањето како ќе функционира Собранието без опозиција, тој одговори дека се надева дека ќе победи разумот и ќе се смират политичките страсти.

Со изјава за напнатоста на политичката сцена истапи и амбасадорот на САД Пол Волерс.

„Потребна е храброст и зрел политички дијалог за да се адресираат политичките разлики, и визија за да се погледне над теснопартиските интереси и да се унапредат интересите на земјата“, изјави Волерс.

“Од уставно-правен аспект, целата процедура укажува на тоа дека ние сме кревка демократија и дека имаме неразвиени институции како и носители на власта кои не го почитуваат уставот и собранискиот деловник”.
Професор Бајрам Положани

Американскиот амбасадор направи паралела со актуелната расправа во американскиот Конгрес.

„И покрај стотиците години искуство, ние во САД го гледаме токму тоа сега, како што нашите спротивставени политички партии се борат за да дојдат до договор околу нашиот национален буџет. Овде во Македонија, легитимно беа поставени важни прашања околу тоа дали процедурата беше запазена во Собранието при усвојувањето на буџетот. Овие прашања може и треба да бидат поставени и дискутирани во контекст на демократскиот процес“, изјави Волерс.

Со видување за настаните во Собранието се јави и неговиот поранешен претседател Стојан Андов.

„Во моето искуство во повеќепартискиот Парламент, од неговиот почеток на работа, па до сега, ова не се случило, иако имало тензии. Ова е првпат и е преседан. Обезбедувањето не може да биде виновно. Може да биде виновен оној кој ја дал наредбата. А, тоа е претседателот на Собранието. И, треба да се докаже во каква постапка тој обезбедил право на тој начин да интервенира. А, за да го превземе тоа ,тој треба да го свика претседателството на Собранието, да ги ислуша сите и да заклучи дека тој ќе ја преземе оваа постапка. Може и да го свикал претседателството на Собранието, но, колку што видовме, Макрадули беше цело време во салата. Него или не го повикале. или одбил да оди. Тоа е прашање што треба да се расчисти, за да се знае дали претседателот на Собранието ги прекршил прописите при интервенцијата на обезбедувањето во собраниската сала“, вели Андов.

Осврнувајќи се на легитимноста на постапката во која беше изгласан новиот буџет, Андов коментира: „За тоа дали е валиден Буџетот, треба да се направи цела една прецизна експертиза за постапката во која е донесен. Да имаме ние Врховен суд кој ги надгледува основните судови, сигурно би биле поништени такви одлуки во судовите. Постапката е срж на демократијата, на процедурата. И, на крајот на краиштата, државата е систем на процедури. Ако некои процедури се згазени, тоа не само што не е демократија, туку не функционира како држава. Заради тоа, сега основно е да утврди постапката по која е донесен и бројните прекршувања, колку ги има и од каков карактер се, на постапката што е применета“.

Гласот на Америка на македонски јазик за постапката разговараше со професорот по уставно право Бајрам Положани.

“Од уставно-правен аспект, целата процедура укажува на тоа дека ние сме кревка демократија и дека имаме неразвиени институции како и носители на власта кои не го почитуваат уставот и собранискиот деловник”, смета Положани.

Според него, донесувањето на буџетот е нормално да предизвикува голем интерс во парламентарните демократии.

„Од последните случувања станува јасно дека овде се нема почит кон институциите, владеењето на правото и правата држава. Ова што сега се случува ќе се одрази сериозно врз процесот на европските интеграции”, вели професорот Положани.
XS
SM
MD
LG