САД очекуваат Владата на Северна Македонија подобро да се справи со корупцијата, од што ќе зависи дали НАТО членките ќе инвестираат во државата или не, изјави за Гласот на Америка заменик-помошникот државен секретар на САД Метју Палмер.
„Борбата против корупцијата е една од основните вредности на членките на НАТО Алијансата. Ние очекуваме Владата на Северна Македонија да направи подобра работа во борбата против корупцијата. Граѓаните на Северна Македонија го очекуваат тоа од нивната Влада. Колку подобро Владата се справи со корупцијата, толку повеќе овој пороблем ќе го стави под контрола, и повеќе други држави, вклучувајќи и НАТО сојузници, ќе гледаат на Северна Македонија како место во кое ќе сакаат да инвестираат, ќе веруваат дека договорите ќе се почитуваат, каде нема да бидат подмитувани, и каде ќе имаат разумен повраток од инвестицијата во средина во која има предвидливост, вкучително и во делот на судството“, рече Палмер.
Палмер повтори дека е неопходно итно да се одржи Меѓувладината конференција за почеток на преговори со Европската Унија, апелирајќи уште еднаш спорот со Бугарија да се решава на билатерален начин.
„Чувствуваме момент на итност. Сметаме дека Северна Македонија и Албанија ја заслужија Меѓувладината конференција, формалното отворање на пристапните преговори. Многу сакаме да видиме тоа да биде договорено оваа година“, рече тој, и им порача на европските партнери да ги преземат неопходните мерки и да им дозволат на двете држави да се движат напред.
„Сакаме препреките да ги видиме отстранети. Двете држави заршија тешка работа, ја завршија нивната домашна задача и ги направија неопходните реформи. Одржете ја Меѓувладината конференција и ставете го овој процес цврсто на пат“, рече Палмер.
На прашањето како ги коментира заканите од Бугарија со безбедносни служби да ги средува наводните проблеми на бугарската дијаспора во државата, Палмер рече:
„Она што сакаме да го видиме е Северна Македонија и Бугарија преку дијалог да ги решат прашањата во билатералните односи, да ги држат тие проблеми надвор од мултилатерални формати, вклучувајќи го НАТО, и конкретно сега Европската Унија. Сигурно никој не сака да види еден НАТО сојузник, НАТО партнер да му се заканува на друг“, рече Палмер.
А дали власта треба да преземе политичка одговорност бидејќи веќе е април и не е почната масовната имунизација на граѓаните, Палмер рече:
„Политичката одговорност не е прашање што САД треба да го одлучат. Тоа е навистина функција на демократските институции на Северна Македонија, одговорноста што Владата одлучува да ја демонстрира пред електоратот и која електоратот ја бара од Владата. Тоа е нормална демократска практика“.
Тој додаде и дека Русија и Кина ги користат вакцините како инструменти за влијание на доста проблематичен начин.
„САД не се вклучени во овој вид вакцина-дипломатија. Она што САД го прават е поддршка на мултилатерален механизам, конкретно Ковакс механизмот. САД допринесуваат со вкупно четири милијарди долари во овој напор. Ковакс вакцините почнуваат да се испраќаат, и се надевам дека во наредните недели и месеци Северна Македонија, други држави на Западен Балкан, и всушност држави низ светот, ќе имаат корист од Ковакс програмата и неопходен пристап до безбедни и ефективни вакцини“, изјави тој.
Според него, важно е државата да организира попис согласно стандардите на Евростат, повикувајќи ја опозицијата да не бојкотира и да ја извршува работата за која ја избрале граѓаните.
„Важно е опозицијата да се појави во Парламентот, да ја извршува нејзината работа, да ги претставува интересите на нејзините гласачи, луѓето кои ја избрале да ги застапува нивните интереси. Бојкоти, блокади, неизвршување на нивната работа, ништо од ова не води до прогрес“, рече Палмер.
Facebook Forum