Палестинците поднесоа барање во ОН за приклучување на Меѓународниот кривичен суд (МКС) – потег што би им овозможил да побараат обвинение за воени злосторства против Израел.
Палестинскиот амбасадор во ОН Ријад Мансур денес му ги врачи потребните документи на помошник-генералниот секретар на ОН за правни прашања Стивен Матијас. Мансур оцени дека тоа е „мошне важен чекор“, неопходен за да се побара правда за наводните злосторства против палестинскиот народ. Тој кажа дека Палестинците бараат ретроактивна јурисдикција од МКС за злосторствата сторени минатата година, за време на судирот во Газа.
Палестинскиот претседател Махмуд Абаз ги потпиша документите откако Советот за безбедност на ОН неделава ја отфрли палестинската предлог-резолуција што налагаше воспоставување на палестинска држава во областите окупирани од Израел во рок од три години.
Реагирајќи на палестинското барање за приклучување на МКС, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху се закани со одмазднички мерки што не ги прецизираше.
МКС го има уважено признавањето на Палестина од страна на Генералното собрание на ОН како земја-набљудувач. Предавањето на документите е последниот формален чекор за Палестинците во постапката за зачленување во МКС и тоа може да потрае барем 60 дена.
САД изразија длабока вознемиреност поради палестинскиот потег. Американски претставник оцени дека е контрапродуктивен и дека не ги унапредува палестинските аспирации за независна држава.
Со зачленувањето во МКС, Палестинците би можеле да се изложат на контраобвиненија од други земји.
ОН го формираа МКС за гонење на осомничените за геноцид, воени злосторства и други злосторства против човештвото. Тој нема моќ да врши апсење, но затоа има овластување да издава налози за апсење.