Отворањето работни места во САД паднало во март на најниско ниво во речиси две години, соопшти денес Одделот за труд.
Работодавците објавија 9,6 милиони слободни работни места во март, што е помалку од речиси 10 милиони во февруари. Отпуштањата се искачија на највисоко ниво од декември 2020 година.
Американскиот пазар на труд е силен, но губи моментум. Федералните резерви ја зголемија својата референтна каматна стапка деветпати за нешто повеќе од една година во обид да ја зауздаат инфлацијата која минатата година достигна највисоко ниво во последните четири децении. И повисоките трошоци за задолжување се дополнителен проблем.
Одделот за труд во петокот го објави извештајот за работните места за минатиот месец. Прогнозерите анкетирани од фирмата за податоци „ФактСет“ очекуваат дека работодавците додале помалку од 182.000 работни места минатиот месец, што е трет по ред месечен пад откако платите се зголемија за 472.000 во јануари.
Стапката на невработеност се очекува да се намали до 3,6 отсто во април, неколку чекори над најниското ниво од 3,4 отсто во јануари по половина век.
Извор: АП