Линкови за пристапност

Рекреативната марихуана дозволена во Вашингтон


Бидејќи градот не е сосема автономен, Конгресот се заканува со казнени мерки доколку се имплементира законот.

Законот со кој се легализира употребата на марихуаната сега е во сила во Вашингтон.

Новиот закон, што беше донесен со референдум минатиот ноември, влезе во сила кусо време по полноќ, локално време, во четврток.

Законот дозволува возрасни лица на 21-годишна возраст и постари, приватно да имаат во сопственост и да пушат марихуана до петина од килограм и да одгледуваат мало количество од растението. Купување, продавање и пушење во јавност и натаму е незаконско.

Главниот град на САД се приклучува на Аласка, Колорадо и државата Вашингтон во легализирање на рекреативната марихуана. Но за разлика од другите држави, Вашингтон Д.Ц. нема комплетна автономија, и американскиот Конгрес има конечен авторитет врз градската власт.

Републиканскиот конгресмен Џејсон Чафетс, кој е претседател на Надзорната комисија во Претставничкиот дом, ја предупреди градоначалничката на Д.Ц. Мјуриел Боусер дека таа и други градски официјални лица можат да одат во затвор ако го имплементираат законот.

Но, Боусер ја игнорираше заканата на Чафетс во средата кога рече дека мерката ќе влезе во сила како што било планирано.

Буџетот усвоен во декември од Претставничкиот дом не вклучи средства за градот да го имплементира законот за марихуана.

Легални стручњаци од градот и од Конгресот велат дека не е веројатно дека некој ќе оди во затвор во врска со новиот закон. Но има други казнени мерки што Конгресот може да ги преземе спрема градот.

XS
SM
MD
LG