Линкови за пристапност

Земји од Северна, Централна и Јужна Америка ќе испратат студенти во Македонија


Македонското Министерство за образование и наука склучи аранжман со Организацијата на американски држави.

Во седиштето на Организацијата на американски држави (ОАС) во Вашингтон, генералниот секретар Хозе Мигуел Инсулза и амбасадорот на Република Македонија во САД Зоран Јолевски разменија писма за соработка меѓу земји-членки на оваа оранизација и Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“ во Охрид.

Иницијативата започнала пред две години, а со размената на писма, 15 студенти од земји на ОАС ќе студираат во Македонија. Студиите ќе траат четири години, а стипендиите ќе се додедуваат секоја година, во периодот од наредните пет години. Листата на земји од кои ќе дојдат студентите се` уште се подготвува, но, како што изјави амбасадорот Јолевски, првите студенти ќе пристигнат во Македонија во септември годинава.

„Владата на Република Македонија дава приоритет и вложува огромни напори во подобрување на квалитетот на образованието во Македонија. Проектот ќе придонесе за зајакнување на контактите меѓу младите студенти од Македонија и земјите од Организацијата, а се надеваме дека ова ќе значи и идно зголемување на бизнис-релациите меѓу обете страни“, истакна Јолевски.

Со фактот дека предавањата на „Св. Апостол Павле“ се на англиски јазик, македонскиот амбасадор смета дека многу полесно ќе се најдат заинтересирани студенти од земјите на ОАС.

Организацијата на американски држави е основана во 1948-ма година и во неа членуваат 35 земји, а работи на регионална солидарност и соработка. Македонија има статус на набљудувач од минатата година.

Ова не е единствената образовна размена на која работи Амбасадата во САД. Јолевски наведува дека веќе трета година по ред, македонски студенти доаѓаат на Универзитетот Норвич од Вермонт и минуваат еден семестар. Изминативе две години биле организирани и заеднички часови од областа на кибернетската безбедност.
XS
SM
MD
LG