Новоименуваниот американски амбасадор Џес Бејли денес ги предаде акредитивните писма на македонскиот претседател Ѓорге Иванов, по што даде изјава за медиумите.
Новинарите ги интересираше неговиот коментар за актуелната политичка криза со случајот „Пуч“ и аферата со наводите за прислушкување.
Политичката состојба е чувствителна, во тек е истрага која треба да биде спроведена на отворен и транспарентен начин, целосно почитувајќи ја независноста на судовите, владеењето на правото, слободата на медиумите. Сигурен сум дека ова е состојба која македонските граѓани, политичките лидери и институциите ќе ја решатЏес Бејли, новоименуван американски амбасадор во Македонија
„Политичката состојба е чувствителна, во тек е истрага која треба да биде спроведена на отворен и транспарентен начин, целосно почитувајќи ја независноста на судовите, владеењето на правото, слободата на медиумите. Сигурен сум дека ова е состојба која македонските граѓани, политичките лидери и институциите ќе ја решат“, изјави Бејли по предавањето на акредитивните писма.
На церемонијата во претседателскиот кабинет, шефот на државата Ѓорге Иванов оцени дека Македонија се соочува со непринципиелни блокади, спротивни на меѓународното право, коишто според него создаваат проблеми во општеството.
Не е прашање дали, туку кога ќе се реализираат нашите цели за членство во НАТО и ЕУ. Овие аспирации имаат голема кохезивна моќ во нашето општествоЃорѓи Иванов, претседател на РМ
„Не е прашање дали, туку кога ќе се реализираат нашите цели за членство во НАТО и ЕУ. Овие аспирации имаат голема кохезивна моќ во нашето општество“, изјави претседателот Иванов, примајќи ги акредитивните писма од новоименуваниот амбасдор на САД во Македонија.
Инаку, на доаѓањето на Бејли во Македонија претходеше епизода од неговиот распит во Сенатската комисијата за надворешна политика, кога го употреби зборот Словени, а тоа во дел од македонската јавност беше интерпретирано како непризнавање на македонскиот идентитет.
Неговиот претходник Пол Волерс потоа реагираше дека Бејли на распитот само одговорил на прашање, парафразирајќи го прашањето - назад до оној што го поставил, како и дека нема промена во американската владина политика кон етничката припадност или идентитетот. Бејли денеска нагласи дека САД ја признале Македонија под уставното име и дека го почитуваат правото на сопствен идентитет.
Овој долгогодишен дипломат доаѓа во Македонија од позицијата заменик-шеф на мисијата на САД во Анкара, функција којашто ја извршувал од 2011-та. Сенатот го потврди Бејли за амбасадор на САД во Македонија во декември 2014-та.