Линкови за пристапност

Скратена платата за пратениците кои го бојкотираат Собранието

  • Борјан Јовановски

За СДСМ тоа е мала цена за враќање на Македонија во вистинската насока; Собранието возврати дека законите треба да се применуваат без политички да се конотираат.

Пратениците од опозицијата кои ја бојкотираат работата на Собранието ќе земаат една третина од платата која им е исплатена во последниот месец, извести службата за информирање на Собранието.

СДСМ реагираше со став дека претседателот на Собранието Трајко Вељаноски нема никаков кредибилитет и легитимитет да се повикува на законот по 24-ти декември и дека за нив секоја негова одлука, изјава или соопштение е беспредметна.


„Намалувањето на платите е мала цена за демократијата, слободата и политичката борба за враќање на Македонија во вистинска насока“, наведува СДСМ.

Собранието, пак, на оваа реакција на СДСМ возврати со став дека законите треба да се применуваат без притоа политички да се конотираат, независно дали се работи за законско редуцирање на платата за време на бојкот на Парламентот, или кое и да е друго прашање во државата.

Со рекција истапи и од ВМРО ДПМНЕ.

„Најостра и најжестока реакција СДСМ прати поради најавата за кратењето на платите на пратениците кои што најавија бојкот на Собранието. СДСМ не реагираше кога нивните пратеници кршеа државен имот, кој директно е платен од граѓаните, кога нападнаа претседател на Собрание, се закануваа на пратеници и ги покриваа собраниските камери, за граѓаните да не го видат нивното сценарио“, коментираше владејачката партија.

Јазот помеѓу власта и опозицијата се` повеќе се зголемува по собраниските настани на 24-ти декември кога опизициски пратеници беа отстранети од домот на демократијата, по што решија да ја напуштат собраниската работа .

СДСМ веќе го одби повикот на премиерот Никола Груевски да се врати во Собранието и да учествува на локалните избори предвидени да се одржат во март. СДСМ нема намера, како што велат во таа партија, да учествува на какви и да е избори што ги организира влада предводена од Груевски.

„Ставот на партијата е дека нема да одиме на избори. Условите кои што се спомнуваат беа важечки до пред црниот понеделник, кога се случи насилството во Собранието, и со пратениците, и со новинарите. Како што се сеќавате, претходните услови беа прочистување на избирачкиот список и препораките на ОБСЕ и ОДИХР, кои што власта не ги прифаќаше. Од тој ден, од тој понеделник, тие услови веќе стануваат ирелевантни бидејќи се наоѓаме во ситуација во која имаме диктаторски режим којшто не може да организира нормални, слободни и фер избори. Затоа повторувам, ние на следните избори нема да учествуваме", изјави потпретседателот на СДСМ, Гордан Георгиев.

Тој исто така ја отфрли можноста со која се шпекулираше во јавноста во спорот меѓу СДСМ и ВМРО ДПМНЕ да посредува лидерот на ДУИ, Али Ахмети.

„Али Ахмети после понеделникот нема кредибилитет и интегритет да посредува во било што. Тој и неговите пратеници беа неми, но, за жал, соучесници во настанот во Собранието“, рече Георгиев.

Премиерот Груевски, пак, осврнувајќи се на инцидентите во Собранието, ја обвини опозицијата за настаните, но ја повика да се врати таму.

„Пред неколку дена беше спречен обид за насилно заземање на парламентот и погазување на волјата на гласачите од последните парламентарни избори, од пред година и пол. За среќа, иако со последици за угледот на државата, Македонија не дозволи уривање на долго градената демократија и легитимно избраната власт на слободни и фер избори, ниту пак блокирање на земјата и штети врз граѓаните со неизгласување на буџетот. Носителите на овој недемократски чин имаат шанса да повратат дел од загубениот углед на земјата доколку набрзо се вратат во парламентот и учествуваат на следните локални избори, кои мора и ќе бидат како и претходните фер, слободни и демократски“, изјави Груевски во новогодишното обраќање.

Напнатоста не попушта и на линија Здружение на новинарите (ЗНМ) - Влада. Здружението најави дека нема намера да го прекине бојкотот на дијалогот со владата. ЗНМ го отфрли објаснувањето на МВР за инцидентот во Собранието на 24-ти декември кога од галеријата беа отстранети претставниците на медиумите.

ЗНМ наведува дека е крајно незадоволно од одговорот на Министерството за внатрешни работи во врска со настанот и потсетува дека побара да се утврди одговорност на наредбодавачите и на извршителите на одлуката со која новинарите беа спречени да ги следат настаните тој ден во Собранието.

Здружението се чуди и како Секторот за внатрешна контрола воопшто не утврди одговорност за исфрлањето на новинарите, кога за настанот изразија жалење претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов, претседателот на Собранието Трајко Вељановски, премиерот Никола Груевски и неговата заменичка Теута Арифи.


„Ако одлуката била уставна и законска, зошто државниот врв изрази жалење?“, прашува ЗНМ и наведува дека сe` додека институциите не го расветлат случајот, ќе остане на одлуката за прекин на разговорите со Владата.

Реакцијата на ЗНМ уследи по соопштението на МВР во кое се вели дека Внатрешната котрола на МВР во постапката не утврдила никакво пречекорување на овластувањата на службените лица.

„Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди даде обемен и исцрпен одговор и јас немам ништо да додадам во однос на тој одговор. Треба сите ние да се почитуваме меѓу себе и да си овозможиме непречено да си ја вршиме работата која е наша основна заложба“, истакна министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, одговарајќи на новинарско прашање за покренатата претставка на ЗНМ до МВР.
XS
SM
MD
LG