Линкови за пристапност

Александрија „најначитан“ град


Наводно, има многу „мозочна моќ“ зад овие живописни фасади во гратчето Александрија, сојузната држава Вирџинија.
Наводно, има многу „мозочна моќ“ зад овие живописни фасади во гратчето Александрија, сојузната држава Вирџинија.

Од серијата „Само во Америка“, еден поинаков поглед на САД.

Американците сакаат листи и рангирања: 50 најквалитетни колеџи, 10 највлијателни музичари, 100 најдобри филмови на сите времиња... Листите се причината за зголемениот тираж на одредени списанија, бидејќи секогаш има простор за дебата околу изборот што го направил одреден стручњак или уредник.

Оттаму, не можеме со сигурност да кажеме дека најновата листа на најумни градови во САД е точна, но е добра основа за една жива дебата, особено поради тоа што постојат претходни листи според критериумот во кои градовите се различно рангирани.

Најновата листа ја изработи Интернет-компанијата Амазон, која, покрај другото, продава книги. За волја на вистината, Амазоне не го употребува зборот „најумни“, туку „најначитани“, и рангирањето го прави според продажбата на книги, списанија и електронски изданија на книги.

Веројатно не е изненадување дека шест од десетте најначитани места на листата на Амазон се големите универзитески градови како Кембриџ во сојузната Масачусетс, домот на Универзитетот Харвард. Овој град заврши на второто место. Беркли, со познатиот Универзитет на Калифорнија, е на третото место.

Но, градот со најголем апетит за книги и весници е Александрија, во сојузната држава Вирџинија, гратчето веднаш до Вашингтон, не толку далеку откако ќе ја минете реката Потомак. Таму нема голем универзитетски центар, туку само два-три помали студентски домови и седиште на еден теолошки семинар. Па сепак, според Амазон, жителите на Александрија, од кои многумина работат во Вашингтон, се најначитани, најумни, кажете како сакате!

На друга листа, пак, на Универзитетот Централен Конектикат, насловена „Најписмените градови во Америка“ за 2011-та, на првото место се наоѓа - Вашингтон. Нејзините автори во анализирањето на резултатите теоретизираат дека најверојатно постои врска меѓу степенот на богатство во големите административни центри како главниот град на САД од една и писменоста од друга страна. Па сепак, на листата на Амазон, на пример, меѓу првите 20 се и центри на тешката индустрија како Питсбург, Пенсилванија и помали градови како Ноксвил, Тенеси и Белви, сојузната држава Вашингтон, што покажува само едно: дебатата кој е најначитан – останува отворена.
XS
SM
MD
LG