Линкови за пристапност

Обвинетите отфрлија вина за убиствата на Вања и Панче


Првообвинетиот Палевски изјави дека не се познава со таткото на Вања кој според него е колатерална штета во случајот
Првообвинетиот Палевски изјави дека не се познава со таткото на Вања кој според него е колатерална штета во случајот

Првообвинетиот Палевски изјави дека не се познава со таткото на Вања кој според него е колатерална штета во случајот и дека предметот против него е конструиран. Обвинителството тврди дека има докази дека Палевски ги ликвидирал двајцата со истрел во главата

СКОПЈЕ – Љупчо Палевски – Палчо, Боре Видевски, Велибор Манев, Влатко Кешишов и Александар Ѓорчевски го отфрлија обвинителниот акт на Обвинителството за убиствата на четиринаесетгодишната Вања Ѓорчевска и седумдесет и четиригодишниот Панче Жежовски и се изјаснија како невини на стартот од судскиот процес кој го води судијата Ивица Стефановски. Обвинителството пак во воведните зборови соопшти дека има несоборливи докази според кои обвинетите го планирале и извршиле грабнувањето на двете жртви кои потоа ги ликвидирал со истрел во главата обвинетиот Палевски.

Според обвинителката Жаклина Крстевска-Јосифовска, обвинетите ги планирале убиствата кои ги извршиле на свиреп начин а Александар Ѓорчевски, таткото на Вања, им помогнал во грабнувањето. Жежовски бил грабнат за да го користат неговото возило а го ликвидирал Палевски со истрел во главата. Грабнувањето на Вања требало да биде извшрено на 24 ноември но не успеале па го повториле обидот во понеделникот на 27 ноември минатата година. Четиринаесетгодишната Вања ја ликвидирал Палевски кој и ставил перница врз лицето и потоа и пукал во глава.

Палевски ѝ го покрил лицето со перница и потоа со истрел од пиштол со калибар од 9 милиметри ја ликвидирал пукајќи во глава
Жаклина Крстевска-Јосифовска, обвинителка

„Кешишов, Видевски и Манев со возилото на убиениот Жежовски дошле пред зградата на Вања. Кешишев останал во возилото, а другите двајца со штрафцигер ја отвориле вратата и со вреќа за спиење во сутеренот ја чекале Вања. Ја грабнале и со врзани раце и нозе и лента на устата, во вреќа за спиење ја ставиле Вања во багажникот на возилото. Се упатиле кон Качанички пат и потоа го уништиле нејзиниот мобилен телефон. Палевски ги чекал во Визбегово и потоа заедно се упатиле кон селото Бразда каде во атарот имале ископано дупка. Палевски и го покрил лицето со перница и потоа со истрел од пиштол со калибар од 9 милиметри ја ликвидирал пукајќи во глава. Телото го закопале а возилото го запалиле“, рече обвинителката Крстевска – Јосифовска пред судскиот совет.

Обвинетите во воведните зборови се изјаснија дека не се чувствуваат виновни.

Првообвинетиот Љупчо Палевски, во воведниот збор кажа дека станува збор за монтиран случај, дека не бил во бегство и не го познавал таткото на Вања, кој според него е колатерална штета во случајот.

Во овој процес ќе помогнам целосно да се расчисти оваа работа со имиња и презимиња
Александар Ѓорчевски, татко на Вања

„Јас не го познавам Александар и обвинителството нема докази дека сме контактирале. Процесот е монтиран. Јас не бегав ниту се криев. Заминав во Турција на лекување и ја користев мојата патна исправа. Целата оваа содржина на обвинение е заснована на лажен исказ на еден од обвинетите, кој сака да избегне доживотен затвор за вакво злосторство кое е направено. Сите материјални докази ги побиваат овие приказни кои се содржина на ова обвинение. На 20 мај мојата ДНК е ставена во систем. Ниту еден од обвинетите не е прашан каде било планирано да се чува детето, нема ниту обид некој да бара пари од Ѓорчевска, а дупката е претходно ископана“ кажа во својот исказ Палевски.

Таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, пред судскиот совет кажа дека не учествувал во грабнувањето на неговата ќерка.

„Јас загинав на 27 ноември, чувствувам болка што не може да се објасни со зборови. Но, во овој процес ќе помогнам целосно да се расчисти оваа работа со имиња и презимиња“, рече Ѓорчевски.

Неосновано е обвинението за Александар, тој не ги познава обвинетите, нема поврзаност со нив и нема умисла за грабнување
Владимир Туфегџиќ, адвокат

Неговиот бранител, адвокатот Владимир Туфегџиќ, кажа дека Ѓорчевски соработувал со полицијата, се грижел за неговите ќерки со кои има речиси секојдневни контакти и дека станот во кој живееле им го препишал.

„Неосновано е обвинението за Александар. Иако разведен тој имал висок степен на грижа за децата. Растројството на Александар откако одлучил самиот да води истрага за исчезнатото дете е искористено за тој да биде погрешно разбран и обвинет. Тој не ги познава обвинетите, нема поврзаност со нив и нема умисла за грабнување. Вања и Миња веќе биле сопственици на станот кој се инсинуира за мотив и тоа со договор за дар од таткото Александар. Одбраната ќе докаже дека Александар наместо да е жртва бил изложен на тортура во полиција и недолично однесување за да му се изнуди признание на вина“, изјави Туфегџиќ.

Бранителите на Кешишов, Манев и Видевски во воведните обраќања кажаа дека Обвинителството нема докази против нивните клиенти за делата за кои се товарат и дека во текот на процесот ќе го докажат тоа.

Полномошникот на мајката и сестрата на Вања најави дека дополнително ќе оформи отштетно побарување.

Пред почетокот на судењето Обвинителството побара јавноста да биде исклучена од целата расправа заради заштита на приватноста на мајката и сестрата на Вања, но судијата Стефановски го отфрли барањето.

Судскиот процес продолжува на 7 октомври со изјави на сведоци.

XS
SM
MD
LG