Линкови за пристапност

Обама ја откажа заедничката воена вежба со Египет


"Нашата традиционална соработка не може да продолжи додека се убиваат цивили на улиците“.

Американскиот претседател Барак Обама ја откажа редовната воена вежба со Египет што се одржува двапати годишно, а што беше закажана за наредниот месец. Потегот е реакција на крвавата пресметка на египетската привремена влада со демонстрантите, во која загинаа стотици лица.

Обама изјави дека САД остро ја осудуваат вчерашната постапка на владата и силите за безбедност и, како што го нарече, обидот за воведување на воена диктатура.

"Нашата традиционална соработка не може да продолжи како и вообичаено додека се убиваат цивили на улиците“, рече американскиот претседател, објаснувајќи зошто ја откажал заедничката воена вежба „Брајт стар“.

Обама накусо го прекина одморот во сојузната држава Масачусетс, специјално за да ја даде изјавата.

По неколку предупредувања дадени изминативе недели, египетските сили за безбедност вчера во Каиро отстранија два кампа на демонстрантите - поддржувачи на соборениот претседател Мухамед Морси. Спред Министерството за здравство, загинале најмалку 500 лица. Муслиманското братство, пак, тврди дека има илјадници убиени.

Изјавата на Обама доаѓа по вчерашната реакција на државниот секретар Џон Кери, кој кажа дека акцијата на армијата е за осуда и ги повика сите Египќани да покажат воздржаност за да спречат натамошни жртви.

САД годишно му даваат на Египет 1,3 милијарди долари во армиска помош и околу 250 милиони долари за економска поддршка.
XS
SM
MD
LG