Линкови за пристапност

Расте бројот на жртви во Египет


Припадник на египетските сили за безбедност и демонстрантка во Каиро.
Припадник на египетските сили за безбедност и демонстрантка во Каиро.

Откако полицијата со оклопни возила, булдожери и солзавец започна да ги отстранува протестните кампови во Каиро.

Во Египет расте бројот на жртви откако силите за безбедност со оклопни возила, булдожери и солзавец започнаа да ги отстрануваат двата протестни кампа во Каиро што ги подигнаа поддржувачите на сменетиот претседател Мухамед Морси.

Среде крвопролевањето, египетската привремена влада денес објави дека вовела едномесечна вонредна состојба и нареди на армијата да помогне на Министерството за внатрешни работи во одржување на безбедноста.

Потпретседателот во привремената влада, реформски ориентираниот Мухамед ЕлБарадеи даде оставка, велејќи дека не може да преземе одговорност за одлуките со кои не согласува и за последиците од нив, за кои стравува.

Во Каиро и на други места е воведен и полициски час.

Се наведуваат крајно различни бројки на загинати. Според ОН, навидум стотици загинале или биле повредени во судирите меѓу силите за безбедност од една, и демонстрантите кои бараат Морси да се врати на власт, од друга страна. Муслиманското братство наведува дека загинале илјадници. Според Министерството за здравство, пак, загинале најмалку 149, а над 1.400 се повредени.

Сведоци и странски новинари јавуваат дека силите за безбедност отвориле оган од автоматско оружје. Армијата, пак, објави фотографии на кои тврди дека се прикажани симпатизери на Морси
како користат оружје против полицијата. Мнистерството за внатрешни работи соопшти дека неговите сили само употребиле солзавец, како и дека биле нападнати со огнено оружје од камповите.

Голем број на лица се уапсени, меѓу нив и водачи на
Муслиманското братство.

Судири избија и на други места во земјата, како што растеше гневот на исламистите поради полициската акција. Нападнати се и запалени полициски станици, владини згради и цркви на коптските христијани.

Владин портпарол во изјава пренесена на телевизијата го обвини Муслиманското братство за насилството и ја пофали полицијата за, како што кажа, професионализмот.

Редица земји, меѓу кои и Британија, Турција и Катар, веднаш ја осудија употребата на сила од страна на полицијата и повикаа на смиреност. Генералниот секретар на ОН, Бан Ки-мун, и шефицата за надворешна политика на ЕУ, Кетрин Ештон, го осудија насилството.

Белата куќа остро ја осуди привремената египетска влада за насилство против симпатизаерите на Морси. Брифирајќи ги новинарите во Масачусетс, каде претседателот Барак Обама е на одмор, портпаролот Џош Ернест кажа дека САД повеќепати ги повикале египетските сили за безбедност да се воздржат. Тој го повтори и повикот до главно исламистичките демонстранти да протестираат на мирен начин.

Ернест рече и дека Белата куќа е против едномесечната вонредна состојба, воведена откако ескалираа немирите. Насилството само ќе отежни Египет да продолжи по патот на стабилност и демократија и е директно спротивно на ветувањето на привремената влада да оствари национално помирување, кажа портпаролот.

Американскиот државен секретар Џон Кери изјави дека владината употреба на насилство против демонстрантите е за осуда и претставува сериозен удар за помирувањето. Тој рече дека насилството не е решение и дека само може доолнително да ги подели Египќаните. Државниот секретар побара владата во Каиро да ги почитува основните човекови права, а демонстрантите да избегнуваат насилство.
XS
SM
MD
LG