Линкови за пристапност

Трето соочување Обама - Ромни


Финалниот ТВ-дуел пред изборите ги истакна разликите во надворешната политика.

Американскиот претседател Барак Обама и републиканскиот предизвикувач Мит Ромни разменија политички рафали на синоќешниот, трет и последен ТВ-дуел пред изборите.

Претседателот ги нарече погрешни ставовите на Ромни за надворешната политика. Поранешниот гувернер на Масачусетс, пак, за време на дебатата што се одржа во Флорида возврати дека критиката на негова адреса не е начинот на кој ќе се запре насилството на Блискиот Исток.
Ромни ја осуди надворешната политика на Обама за регионот, велејќи дека видел доста драматично назадување на надежта што САД ја имаа за овој дел на светот.
„Му честитам што го елиминираше Осама бин Ладен и што го гонеше раководството на Ал-Каида, но така не ќе можеме да најдеме излез од оваа хаотична ситуација. Ќе мора да примениме сеопфатна и обемна стратегија за да му помогнеме на исламскиот свет и другите делови да го отфрлат насилниот екстремизам кој, посекако, не е во фаза на бегање. Посекако не се крие“, кажа Ромни.
Обама истакна дека САД со сојузниците интензивно работеле на мирот и демократијата во регонот и ја зеде Либија како пример.
„Без да испратиме копнени сили во земјата и по цена колку што чинеа помалку од две недели од војната во Ирак, ослободивме земја што беше под стегата на диктаторство последниве 40 години - деспот кој уби Американци. И покрај трагедијата (со убиството на американскиот амбасадор во Либија, н.з.), десетици илјади Либијци по настаните во Бенгази излегоа на улиците и рекоа - Америка е наш пријател, стоиме со неа“, истакна Обама.
Во однос на Иран, Обама ја пофали својата влада дека покажала енергичност преку „најстрогите, најефикасни санкции воопшто“.

Ромни коментираше дека светот е „четири години поблиску до нуклеарен Иран“ и дека иранското раководство “видело слабост каде што очекувало да види американска моќ“.
Запрашан од водителот - што е најголемата надворешнополитичка закана за САД, републиканскиот претседателски кандидат прецизираше дека се работи за иранската нуклеарна програма. За сегашниот жител во Белата куќа, пак, тоа и натаму се терористичките мрежи и, оттаму, САД треба да останат будни.
Ромни го нападна предлог-армискиот буџет на Обама, заклучувајќи дека е неприфатливо воздухопловните сили да се на најмало ниво од основањето во 1947-ма година, а морнарицата најмалубројна од 1917-та.
„Ова за мене е најголемата одговорност на претседателот на САД - да ја одржува безбедноста на Американците. Јас нема да го скратам нашиот армиски буџет за еден трилион долари (...). Тоа, според мене ја прави нашата иднина понеизвесна и понебезбедна“, рече Ромни.
Обама се спротистави со тврдењето дека армискиот буџет нема да ги намали трошоците, туку само ќе ги одржува и го обвини противникот дека поддржува застарени политики од минатото.
„Ја споменавте морнарицата, дека имаме помалку бродови отколку во 1916-та. Па, гувернеру, имаме и помалку коњи и бајонети, затоа што се промени природата на нашата армија“, кажа Обама.
На тема Пакистан, Обама ја бранеше одлуката да испрати командоси во акцијата против Бин Ладен - елаборираше дека САД можеби немаше да го елиминираат терористичкиот водач доколку најпрвин побараа дозвола од пакистанските власти. Претседателот заклучи дека убиството на Бин Ладен донесе еден вид завршница за Американците кои ги загубија своите најблиски во терористиките напади на 11-ти септември 2001-ва.
Ромни одговори дека не ја обвинува владата за напнатите односи со Пакистан и оцени дека било исправно да се појде во земјата по Бин Ладен. Но, додаде дека САД не можат туку-така го свртат грбот на земја која има 100 парчиња нуклеарно оружје и дека мора да соработуваат со пакистанскиот народ за да му помогнат да заземе поодговорен курс од постојниот.
Со месеци во кампањата за изборите на 6-ти ноември, гласачите опфатени со анкетите му даваа предност на Обама пред Ромни, кога станува збор за надворешната политика. Па сепак, најновите анкети покажуваат дека Ромни нагло ја намалува разликата. Во последно време, тој остро ја критикува владата на Обама за наводни пропусти во обезбедувањето што довеле до убиството на амбасадорот во Либија и уште тројца други Американци на 11-ти септември годинава. Тој особено се задржува на тоа дека владата во првичните реакции инсистирала дека не се работи за терористички напад, туку за спонтан излив на гнев изроден од протестите што тие денови избија против антиисламскиот филм направен во САД.
На две недели пред изборите, неколку анкети покажуваат дека Обама и Ромни се речиси изедначени, а онаа на НБЦ и Волстрит џурнал отсликува мртва трка - и Обама, и Ромни имаат по 47%.
XS
SM
MD
LG