Американскиот претседател Барак Обама со посетата на Полска ја завршува европската турнеја за време на која престојуваше и во Ирска, Британија и Франција.
Ова е негова прва посета на Полска, која е близок сојузник на САД и партнер во НАТО.
Обама за време на дводневната посета ќе разговара за безбедносните и политички случувања во Источна Европа, како и за унапредување на армиските односи со официјална Варшава. На неговиот дневен ред се средби со полскиот претседател Бронислав Коморовски, како и вечера со државници од Централна и Источна Европа.
Полскиот министер за надворешни работи Радослав Сикорски петокот изјави дека на полска територија ќе биде распоредена мала единица на американското воздухопловство, но не даде детали.
Се` до 2009-та, САД планираа да постават антибалистички ракетен штит во Полска и Чешката Република, но подоцна се откажаа од намерата. Наместо тоа, во Полска ќе бидат инсталирани мобилни пресретнувачи од типот СМ-3, а можна е и ротација на воени авиони Ф-16.
Полскиот сосед Русија е против американскиот план за ракетна одбрана.
Тема на средбите на Обама ќе бидат и полските резерви на природен гас, што е од особен интерес за американските енергетски компании.