Линкови за пристапност

Обама во Полска


Обама со полскиот колега Коморовски во Варшава
Обама со полскиот колега Коморовски во Варшава

Ја повика Русија да влијае позитивно на ситуацијата во Украина.

Американскиот претседател Барак Обама ја повика Русија да помогне да се спречи доставата на оружје до сепаратистите во источна Украина и да го употреби своето влијание врз нив за да го поддржат мирот.

Обама ова го кажа во Варшава. Полска е првата станица на неговата европската турнеја по три држави, на која се очекува да доминира кризата во Украина.

Според Обама, полскиот претседател Бронислав Коморовски е согласен дека натамошните провокации од Русија ќе донесат последици за таа земја, меѓу нив и евентуални санкции.

„Основните принципи на територијален интегритет, суверенитет и слобода, како и можноста луѓето самите да решаваат за иднината на нивната земја, се камен-темелник на мирот и безбедноста во Европа што ги видовме последниве неколку децении, а што сега се загрозени од руските постапки на Крим и во источна Украина“, рече Обама.

Тој кажа и дека не верува дека Украина мора да избере меѓу добри односи со Европа и добри односи со Русија.

Американскиот претседател предложи и план во вредност од 1 милијарда долари за јакнење на армиската обука и ротацијата на американските сили во Европа, меѓу што и поголемо распоредување на морнаричките сили во Црното и Балтичкото Море. Тој оцени дека таквата иницијатива ја демонстрира цврстата заложба за НАТО-сојузниците.

Белата куќа во денес издаденото соопштение наведува дека САД го разгледуваат своето армиско присуство во Европа поради „новите безбедносни предизвици на континентот“.

Обама во Варшава разговарал за поддршката за зголеменото присуство на НАТО во Европа, како одговор на руската анкесија на Крим во март годинава.

„Ја започнав посетата тука бидејќи нашата заложба за полската безбедност, како и безбедноста на нашите сојузници во Централна и Источна Европа, е камен-темелник на нашата сопствена безбедност и е неприкосновена“.

Обама и Коморовски денес се домаќини на поширока средба со водачите од земјите на Централна и Источна Европа. Обама исто така има одвоена средба со полскиот премиер Доналд Туск.

Првиот човек на САД во среда и во четврток ќе учествува на самитот на Г-7 во Брисел, а ќе има средби и со американските сојузници. Самитот беше набрзина организиран, откако земјите-учеснички одлучија да го бојкотираат претходно закажаниот состанок на Групата чиј домаќин требаше да биде Русија.

Во петок во Франција, Обама ќе одржи говор на плажата Омаха во Нормандија, на церемонијата за одбележување на 70-тата годишнина од инвазијата на сојузничките сили на Европа, окупирана од нацистичките сили во Втората светска војна.
XS
SM
MD
LG