Кубанскиот претседател Раул Кастро не присуствуваше на дочекот на американскиот лидер на аеродромот Хозе Марти. Ова е прв пат во 90 години, американски претседател да ја посети Куба. На пречекот на Обама и неговото семејство, присуствуваше малубројна кубанска делегација предводена од министерот за надворешни работи, Бруно Родригез.
Веднаш по пристигнувањето, Обама замина на средба со персоналот на амбасадата на САД во Хавана и неговите семејства.
„Ова е историска посета и историска можност за директен ангажман со кубанскиот народ и воспоставување нови трговски договори, изградба на нови врски меѓу нашите два народа, и за мене, ова значи реализација на мојата визија за иднина којашто е посветла од нашето минато“, истакна Обама.
Претседателот потоа замина на прошетка низ стариот дел на Хавана пред да се сретне со кардиналот Џејми Ортега во градската катедрала.
Планирана е и средба со членови на кубанското граѓанско општество вклучувајќи и активисти за човекови права и покрај противењето од страна на Владата.