Претседателот Обама зборуваше во Белата куќа во петок, само неколку часа откако египетскиот потпретседател Омар Сулејман соопшти дека Мубарак дал оставка и дека надлежностите на претседателот се пренесени на армијата.
Обама кажа дека ќе биде „тешко во деновите што следат“, но дека е убеден оти Египќаните ќе ги најдат одговорите на прашањата што останале неодговорени, мирно и во духот на единство што ги обележаа изминатите недели на протести. Претседателот Обама кажа дека Египќаните сите „не` инспираа“ со употреба на ненасилство за „виткање на арката на историјата кон правдата“.
Тој ја повика египетската армија да обезбеди кредибилна транзиција – заштитувајќи ги правата на Египќаните, кревајќи го законот за вонредна состојба и ревидирајќи го уставот, како и поставувајќи темели на патот за слободни и фер избори. Тој кажа дека транзицијата мора да ги донесе сите гласови на Египет на маса.
Обама исто така кажа дека САД ќе продолжат да бидат пријател и партнер на Египет и дека се подготвени да обезбедат каква што е потребна помош во насока на кредибилна транзиција кон демократија.