Објавувањето на обично скриените, внатрешни работи на разузнавачката заедница на САД фрли сомнеж врз способноста на законодавците да го истражат руското мешање во претседателските избори во САД минатата година.
Истрагата, веќе е засенета со тврдењето на претседателот Доналд Трамп на Твитер дека тој бил „прислушуван“ од страна на неговиот претходник, а неизвесноста дополнително се засили кога законодавецот кој ја води истрага, кажа дека наводните разговори на претседателот и на неговиот персонал биле „случајно собрани.“
Разузнавачки извештаи
„Она што го прочитав ми пречи, и мислам дека треба да им пречи на претседателот и на неговиот тим,“ рече претседавачот на Комитетот за разузнавање во Претставничкиот дом, Девин Нунес пред новинарите, по преземањето на невообичаен чекор - да го брифира претседателот лично.
„Самиот претседател и другите во преодниот тим на Трамп биле јасно ставени во разузнавачките информации", рече Нунес пред Белата куќа. „Некои од нив се чини дека се несоодветни.“
Нунес одби да каже точно од каде биле добиени разузнавачките извештаи, поттикнувајќи критика од демократот во Комитетот за разузнавање на Претставничкиот дом, кој актите на Нунес ги нарече „сериозно загрижувачки.“
Повик за независна комисија
Ако претседателот Нунес продолжи да оди во Белата куќа, наместо во неговата комисија, не постои начин дека ние може да ја спроведеме оваа истрага“, изјави Адам Шиф, демократ во Комитетот за разузнавање. „Ни треба независна комисија“, рече тој.
Виш републикански законодавец, исто така, изрази загриженост за процесот.
„Конгресот веќе нема кредибилитет сам да се справи со ова, јас не го кажувам тоа лесно“, изјави сенаторот Џон Мекејн за MSBNC , повикувајќи или на независна комисија или на специјален комитет за да го истражи случајот.
Објавите на Нунес доаѓаат на само два дена откако директорот на ФБИ, Џејмс Коми потврди дека официјални лица ги испитуваат можните врски на кампањата на Трамп со Русија. Но, Коми ги отфрли тврдењата на Трамп на Твитер за постоење на прислушување. „Немам информации за поддршка на овие твитови. Пребаравме внимателно внатре во ФБИ“, им кажа тој на законодавците.
Трамп вели дека се чувствува одбранет
Запрашан за коментарите на Нунес, Трамп во средата кажа дека се чувствува одбранет.
„Морам да ви кажам дека направи нешто“, рече претседателот. „Многу ми се допадна фактот дека тие го најдоа, она што го најдоа.“
Нунес вели дека видел само некои од поголемиот број на разузнавачки извештаи, кои наводно го спомнуваат претседателот и членовите на неговиот тим. Но, тој нагласи дека извештаите „немаат никаква врска со Русија и немаат никаква врска со истрагата за Русија“.
„Мислам дека тоа е многу значајно и треба да видиме до каде тоа води“, изјави републиканскиот конгресмен Питер Кинг. „Тоа покажува дека таму има нешто, и прашањето е кој тоа го одобрил.“
„Длабока држава“
Откритијата на Нунес „може да дадат поголем кредибилитет на тврдењата на поддржувачите на Трамп за т.н. „Длабока држава“ – наводи дека претставници лојални на поранешниот претседател Барак Обама активно се обидуваат да ја поткопаат Белата куќа на Трамп.
„Тоа е случајно, тоа е легално и тоа не е кривично дело бидејќи целта, колку што е засеганата самата разузнавачка заедница се странски државјани,“ вели Мајкл Прегент поранешен разузнавачки офицер, истакнувајќи дека службениците кои првично ги добиле извештаите биле членови на администрацијата на Обама.
„Тоа е проблем поособено ако разузнавањето се политизира преку откривање на информации за американски државјани до медиумите, со цел тие да се дискредитираат“, рече Прегент, кој сега работи за Институтот Хадсон.
Под знак прашање целиот процес на прибирање разузнавачки информации
Дури и да немало лоши намери, последниот развој, најверојатно ќе го покрене прашањето за процесот на собирање информации и дали Законот за следење на странското разузнавање (FISA), донесен со цел да се заштити идентитетот и приватноста на граѓаните на САД е доследно почитуван.
„Делот 702 од FISA за собирање информации е како вакум од огромна правосмукалка кој собира многу материјал, вклучувајќи материјал за државјани на САД, и не ми е јасно дали Националната агенција за безбедност го покрива протоколот ефикасно“, вели директор на Меѓународниот центар за безбедност на Универзитетот Нотрдам, Мајкл Деш, за Гласот на Америка преку Скајп. „Не ми е јасно дали Националната агенција за безбедност секогаш, точно знае што има.“
Одвраќање од истрагата за Русија
Но, демократски законодавци и понатаму се скептични, велејќи дека активностите Нунес „се нешто повеќе од одвлекување на вниманието од истрагата, која можеби на некој начин ќе открие поврзаност меѓу преодниот тим на Трамп и руски претставници.
Зголемување на напнатоста меѓу разузнавачките служби и Белата куќа
Исто така, постои загриженост дека најновиот пресврт во истрагата за руското влијание на претседателските избори во САД само дополнително ќе ги разгори веќе затегнатите односи меѓу разузнавачката заедница, Белата куќа и поддржувачи на Трамп на Капитол хил.
(Џеф Селдин, Катрин Гипсон)