Линкови за пристапност

Њујорк Тајмс: НСА се инфилтрирала во компјутери во странство


Наводно користела тајна радио-технологија што овозможува пристап и без Интернет-врска.

Американската Агенција за национална безбедност (НСА) наводно всадила натрапнички софтвер во речиси 100.000 компјутери ширум светот, што и` овозможило да ги шпионира истите, но и да создаде дигитален пат за вршење на кибернетски напади.

Весникот Њујорк тајмс објави дека НСА го всадувала софтверот преку упад во комјутерските мрежи, но, истовремено, се`повеќе користела тајна технологија што и` овозможува да внесува и менува податоци во компјутерите, дури и доколку не се поврзани со Интернет. Наводно, се работи за технологија што користи таен канал на радио-бранови, емитувани преку минијатурни кола и мемориски картички во компјутерите.

Написот во весникот цитира документи на НСА, американски официјални лица и компјутерски експерти.

Тајмс го објави написот во време кога претседателот Барак Обама се подготвува во петок да објави промени во обемот на шпионирање на НСА. Повикувајќи се на советници на Обама, Тајмс пишува дека тој ќе го ограниши шпионирањето на Агенцијата, но не и дека ќе ги прифати најдалекусежните препораки на телото стручњаци што Белата куќа го основа по повод случајот.

Според весникот, Обама ќе го ограничи пристапот на НСА до големото количество на податоци за телефонските повици на американските граѓани, ќе постави нови заштитни мерки во врска со следењето на повиците на државници од странство и ќе назначи застапник што ќе се појавува пред таен суд за разузнавачки прашања, за да ги застапува аспектите на правото на приватност. Но, соработниците на претседателот наведуваат дека тој не планира да ги префрли телефонските податоци во надлежност на друга агенција.

Тајмс пишува дека НСА успешно го всадила софтверот на места како руските армиски мрежи, системите на мексиканската полиција и картелите со дрога, трговски групи во рамки на ЕУ и антитерористичките партнери како Саудиска Арабија, Индија и Пакистан. Весникот наведува дека нема докази дека Агенцијата го всадила софтверот или пак ја користела тајната радио-технологија дома, на територијата на САД.

Новобјавените детали се од обемните документи што до медиумите ги достави поранешниот договорен соработник на НСА, Едвард Сноуден. Агенцијата трди дека тој украл 1,7 милиони документи пред да избега и да добие азил во Русија. Американските власти бараат тој да биде испорачан за да му се суди за шпионажа.
XS
SM
MD
LG