Линкови за пристапност

Новинарската професија во Северна Македонија старее


Сѐ помалку млади сакаат да бидат новинари
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:28 0:00

Сѐ помалку млади сакаат да бидат новинари

Сѐ помалку млади сакаат да бидат новинари. „Денес се соочуваме со ситуации, во кои што да се работи во маркет е подобро платено, отколку да се биде новинар“, вели Здравковска, претседателка на ЗНМ во Битола

Новинарската професија старее. Поискусните и повозрасни новинари, особено во внатрешноста на државата, ќе нема кој да ги замени, бидејќи млади новинари има се помалку. Новинари со дваесет и повеќе години работно искуство, заминуваат од професијата и се ориентираат на работа во други дејности, сметајки дека таму примањата ќе бидат поголеми, вели Жанета Здравковска, претседателка на ЗНМ во Битола.

„Најмладиот новинар во Битола има 38 години. Меѓутоа, сега се соочуваме не само со недостаток на млади новинари, туку немаме и повозрасни новинари“.

Во Охрид, како втора по големина медиумска заедница во државата, послe Скопје, најмладиот новинар има 32 години.

„Млади новинари речиси и да нема. Генерацијата која беше млада пред дваесеттина години, се уште е актуелна, а повозрасните веќе не се во професијата и станува вистински проблем за медиумите особено за нивната иднина“, рече Горан Момироски, претседател на регионална канцеларија на ЗНМ-Охрид.

Како резултат на ова новинарството во локалните средини полека замира, локалните медиуми се намалуваат, а голем дел остануваат без новинарски кадар.

„За разлика од пред седум години, кога на еден настан во Општина Битола бевме и 30 новинари, фотографи и сниматели, сега на одредени настани можеме да се изброиме на една рака и имаме големо осипување на новинарскиот кадар. Тоа е така затоа што нема интерес, нема подмладок“, рече Жанета Здравковска-претседателка на регионална канцеларија на ЗНМ-Битола.

Причина за ваквата состојба е што новинарството во земјава, станува професија која не е добро платена. Но овде се и социјалните мрежи и влијанието на т.н инфлуенсери, напливот на секаков вид на вести. Сето тоа создава амбиент кој е неповолен, односно медиумската професија станува неатрактивна за младите вели Момироски.

„Голем дел од медиумските работници, тука ги споменувам не само новинарите, туку и монтажерите и снимателите, работат во медиумите во лоши услови и за минимални плати. Дел сѐ уште се неосигурани, а ден-денес добар дел од дописниците работат со нерешен статус“.

„Денес се соочуваме со ситуации, во кои што да се работи во маркет е подобро платено, отколку да се биде новинар. И локалните медиуми за тоа не се виновни, бидејки најголем дел од рекламниот колач заминува во Скопје. Така локалните медиуми остануваат без средства и без можност да ги финансираат новинарите“, рече Здравковска.

Како новинарската професија да се извлече од актуелната состојба е прашање за милион долари, додава Момироски. Вели, ако ваквиот негативен тренд продолжи проблемот ќе биде уште поголем.

„Факт е дека медиумскиот еснаф мора да преземе итни мерки во овој правец. Мислам дека треба да биде приоритетно прашање, како оваа професија да ја вратиме на вистинските патеки и како повторно да стане атрактивна за младите“, рече Момироски.

Дополнителен проблем е што сѐ помал е интересот за запишување и на студиите по новинарство, на некој од државните универзитети во земјата. Во академската 2015/2016 година се запишале вкупно 59 студенти, додека во 2021/2022 година, само 36 студенти.

XS
SM
MD
LG