Линкови за пристапност

Новинари за Светскиот ден на слободата на медиумите: Не знаеш каде може и ќотек да добиеш


Факт е дека има едно благо зголемување на трендот на закани и напади кон новинарите, вели претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски
Факт е дека има едно благо зголемување на трендот на закани и напади кон новинарите, вели претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски

Секакви закани доаѓаат до нас, па веќе почнавме и да ги игнорираме. Но, никогаш не се знае кога може и навистина да се случи физички напад. Тоа го укажуваат домашните новинари, кои посочуваат дека „онлајн“ заканите стануваат сè почести

„Пишуваш и ти вика ‘Ќе те пречека некој’. Пишуваат пораки со секакви закани. Отрпнуваш на тоа, но не знаеш каде може и ќотек да добиеш. Тоа не ти гарантира дека заканата е само напишана или пратена по телефон.“

Така ни одговори новинарката и уредничка од неделникот „Фокус“, Ирена Мулачка, на прашањето „Дали се чувствувате безбедна како новинарка?“.

„Ние не пишуваме и не работиме за некого да го линчуваме, туку се работи за јавна линост. Наша работа е да ја опсервираме неговата работа“, додава Мулачка.

Отрпнуваш, но не знаеш каде може и ќотек да добиеш. Нема гаранција дека заканата е само напишана или пратена по телефон
Ирена Мулачка, новинарка во „Фокус“

Новинарката Мулачка, заедно со нејзината колешка Валентина Вурмо подолг период беа мета на напади со навредливи текстови преку порталот „Доказ“.

„Почнав серијал текстови за градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска. После неколку текстови, Марјан Стаменковски од ‘Доказ’ објави серијал текстови кај него против мене, со најголеми навреди, потенцирајќи дека се работи за моите текстови поврзани со градоначалничката и како сум се дрзнала да пишувам за неа“, објасни Мулачка.

Сопственикот на „Доказ“, Марјан Стаменковски, на почетокот од минатиот месец доби затворска казна за уцена, пиратерија, како и за ширење расистички и ксенофобичен материјал. Сепак, тоа е еден од малкуте случаи што добиле судска разрешница, а во кои новинарите и медиумските работници биле мета на напади.

„Факт е дека има едно благо зголемување на трендот на закани и напади кон новинарите. Тоа укажува дека општеството во целина сè уште не е подготвено да се соочи со јавната реч на начин на којшто би требало едно демократско општество да се соочи“, вели Младен Чадиковски, претседател на Здружението на новинарите на Македонија.

Проблемот секако во голема мерка е и во правосудните органи бидејќи неказнивоста кон напаѓачите сè уште е многу висока
Младен Чадиковски, претседател на ЗНМ

Според регистарот на Здружението на новинарите, лани биле евидентирани седум случаи со напади врз новинари и врз медиумски работници. Дел од нив се вербални, дел се преку социјалните мрежи, но има и физички напади, меѓу кои и напад со секира врз медиумска екипа.

„Освен во општеството, проблемот секако во голема мерка е и во правосудните органи бидејќи неказнивоста кон напаѓачите сè уште е многу висока“, укажува Чадиковски.

Според обвинителката Искра Хаџивасилева, која Скопското јавно обвинителство лани ја назначи да ги координира предметите поврзани со безбедноста на медиумските работници, почнал да расте бројот на т.н. онлајн закани.

Најнов таков случај на подрачјето на Скопје е сексуално вознемирување во кое жртвата е новинарка. Обвинителката Хаџивасилева ни изјави дека случајот е во предистражна постапка и поради тоа не изнесе повеќе детали.

Новинарските асоцијации исто така укажуваат дека расте бројот на закани, навреди и хибридни напади преку интернет.

„Но, проблемот е што иако ние укажуваме, истражните органи, обвинителството и МВР, не ги зема со сериозност овие видови на напади. Дури ги третираат и како нешто бенигно, со коментар ‘голема работа, ве навредил некој’“, нагласува Павле Беловски, претседател на Самостојниот синдикат на новинарите и медиумските работници.

Во најновиот извештај од Репортери без граници, објавен утрово, Северна Македонија напредувала за 19 места во однос на минатата година и се наоѓа на 38 место.

Медиумските работници во февруари годинава конечно го добија тоа што долго го чекаа – измени во кривичниот Законик со кои нападите врз новинарите ќе се сметаат за напад врз службено лице. Тоа подразбира и затворска казна.

„Чекаме допрва да ги видиме ефектите од тој закон, како и на кој начин ќе се имплементира. Но, не само што чекаме, туку и интензивно работиме и со обвинителствата и со судовите, а во насока да законот да се имплементира на начин со кој ќе ја овозможи вистинската правна заштита на новинарите“, смета претседателот на ЗНМ, Чадиковски.

Новинарката Мулачка ги поддржува законските измени, но се сомнева во нивната реализација.

„Не можеш да се крстиш во нашето судство, зашто не знаеш кој судија ќе биде, и како може да заврши целиот судски процес. Но во секој тоа што е сега донесено е во ред“, истакнува Мулачка.

Нека внимава секој што ќе се дрзне да нападне новинар или медиумски работник, зашто може да заврши и до пет години во затвор
Павле Беловски, претседател на ССНМ

Претседателот на ССНМ, пак, верува дека законските измени ќе помогнат во намалување на нападите врз новинарите.

„Нека внимава секој што ќе се дрзне да нападне новинар или медиумски работник, зашто може да заврши и до пет години во затвор. Засега немаме нови бројки и се надевам дека ќе останеме на таа позитивна и очеувана нула“, укажува Беловски.

Денеска се одбележуваат 30 години од прогласувањето на 3 мај за Светски ден на слободата на медиумите. Според ланскиот глобален индекс за слободното новинарско работење, што го објавува меѓународната организација „Репортери без граници“, Северна Македонија беше рангирана на 57 место од вкупно 180 земји.

Глобален индекс за слободата на медиумите 2023
Глобален индекс за слободата на медиумите 2023

(ДОПОЛНУВАЊЕ) Најнов извештај на репортери без граници: Понижувачки однос од владејачките претставници

Во најновиот извештај од Репортери без граници, објавен утрово, Северна Македонија напредувала за 19 места во однос на минатата година и се наоѓа на 38 место.
Во глобалниот индекс за слобода на медиумите, се вели дека македонските новинари не работат во животно загрозувачка средина, но се додава и дека недостатокот од професионализам ја намалува довербата кон медиумите во земјава, што резултира со закани и напади кон независните медиуми. За претставниците од власта се вели дека имаат понижувачки однос кон медиумите.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG