Денеска е четврток, 27 ми април. Пред точно шест години, на истиот овој ден се случи таканаречениот – крвав четврток, дотогаш невиден настан во македонската демократија.
Демонстранти влегоа во Македонското собрание и нападнаа пратеници. Но, нападнати беа и бројни новинарски екипи кои беа таму да ги извршуваат своите работни задачи – да известуваат и да ѝ пренесат на јавноста што се случува во Законодавниот дом.
„Од земање опрема, до фрлање микрофони, навреди со секакви, најгрозни именувања. Но, и двапати добив удари директно во лице, како и удар во рака“, раскажува Душица Мрѓа, новинарка во „Телевизија 24“, која заедно со другите медиумски екипи беше на редовна работна задача во Собранието на 27 април, 2017 година.
Државата нема никаква акција, никаква пријава, никаква постапка за човекот којшто мене ме нападнаДушица Мрѓа, новинарка
Во периодот после крвавиот четврток, следеа судски процеси во кои нападнатите пратеници ги добија споровите против нивните напаѓачи. Но, истиот аршин не важеше и за нападнатите новинари.
„Државата нема никаква акција, никаква пријава, никаква постапка за човекот којшто мене ме нападна, којшто беше покажан од мене и препознаен на фотографија, иако беше маскиран“. Но, државата сè уште не успеа да го идентификува“, вели Мрѓа.
За претседателот на Здружението на новинарите, Младен Чадиковски, немањето судска разрешница за нападите врз новинарите, посочува на двојни аршини во судството.
Во најмала рака е скандалозно, зашто судовите и другите официјални лица во правосудството имаат еден аршин кон политичарите, а друг аршин кон новинаритеМладен Чадиковски, ЗНМ
„Тоа во најмала рака е скандалозно, зашто судовите и другите официјални лица во правосудството имаат еден аршин кон политичарите, а друг аршин кон новинарите, коишто се гласот на јавноста и гласот на граѓаните“, вели Чадиковски.
До ден денес медиумските работници, ја чекаат правдата. Речиси сите нивни тужби за прекршување на правото за известување беа одбиени од судовите под различни образложенија, меѓу кои и тоа дека не се новинари.
„Судијката во мојот случај кажа дека јас не сум била спречена да си ја работам работата на 27ми април, бидејќи во емисиите потоа сум можела да го кажам својот став. За државниот правобранител, пак, што ја бранеше државата на суд, главниот аргумент беше дека јас сум била самата виновна за состојбата во којашто сум се нашла. Односно, сум го загрозила сопствениот живот бидејќи на 27-ми април во Собрание, на нормална седница, не сум носела шлем и панцир“, раскажува новинарката Мрѓа.
Последната надеж на новинарите е Уставниот суд. Од таму засега има само изјаснување дека на новинарот Влатко Стојановски од „Фокус“ му било повредено правото да известува, односно слободата на изразување.
„Во текот на советувањето и гласањето судиите го усогласија ставот дека со пресудите е направена повреда на неговите права, но Уставниот суд немаше мнозинство гласови за сите точки кои го сочинуваат конечниот предлог, а се однесуваат на правната судбина на двете пресуди, што значи дека овој предмет не е завршен. Предметот ќе биде повторно ставен на дневен ред на некоја од наредните седници“, се вели во соопштението од Уставниот суд.
Но, доколку нема задоволителни одлуки и од Уставен, тогаш, како што велат од Здружението на новинарите, следен чекор во барањето на правдата ќе биде Европскиот суд за човекови права во Стразбур.
„Овој тип на предмети мора да добијат своја разрешница. За да не се повторат такви настани, за да се обесхрабрат напаѓачите, за да не ни се случува во иднина оваа селективна правда којашто постои во општеството. Остава длабоки лузни во сите пори, а особено во медиумите и во новинарството“, посочува Чадиковски.
Во меѓувреме, новинарите дури и плаќаат судски трошоци кон државата зашто нивните случаи паднаа во судовите.
„Државата беше толку фина, иронично кажано, и ни овозможи трошоците да ги платиме на шест рати“, додава Мрѓа.
Сега, пак, ние треба да ѝ платиме на државата затоа што сме се обиделе да ја докажеме правдатаПавле Беловски, ССНМ
Од Самостојниот синдикат на новинарите и медиумските работници укажуваат дека одолговлекувањето на правдата е порака дека слободата на изразувањетo и натаму е под закана.
„Не е проблем Здружението и организациите да ги надоместат средствата. Судот, кој не може да ни го врати стресот и стравот, треба да нè обештети. Сега, пак, ние треба да ѝ платиме на државата затоа што сме се обиделе да ја докажеме правдата“, вели Павле Беловски, претседател на ССНМ.
Неодамна беа донесени измени во Кривичниот законик, со кои нападот врз новинар ќе се смета за напад врз службено лице. Но, кај новинарите и натаму постои страв за нивната безбедност.
„Тоа е исто како војник кога оди во војна, не размислува дали ќе биде безбеден. Така и ние новинарите, гледаме да си ја завршиме работата. Меѓутоа апсолутно тврдам дека никој во оваа држава не стои зад нас за да се чувствуваме безбедно“, апелира Мрѓа.
Сепак, од Јавното обвинителство ги повикуваат медиумските работници да ги пријавуваат случаите на напади и закани.
Обвинителката Искра Хаџивасилева, која Скопското обвинителство ја назначи да ги координира предметите поврзани со безбедноста на новинарите, ни изјави дека ќе постапат по секоја пријава.
Најновиот предмет што го оформиле во Обвинителството е по пријава за сексуално вознемирување врз новинарка, извршено преку социјалните мрежи. Деталите сè уште не се откриваат.